Во беровско Ратево се одржа традиционалниот карневал Ратевски Бамбурци
- И оваа година Ратевските Бамбурци ја продолжија вековната традиција, која на денешен ден секоја година се организира, по повод христијанскиот празник Собор на Св.Јован Крстител во селото Ратево.
Делчево, 20 јануари 2023 (МИА) - И оваа година Ратевските Бамбурци ја продолжија вековната традиција, која на денешен ден секоја година се организира, по повод христијанскиот празник Собор на Св.Јован Крстител во селото Ратево.
Настанот и годинава го организаше Здружението на граѓани „Ратевски Бамбурци".
-Настанот се организира со помош на месната заедница, Општина Берово и општествено одговорни фирми, кои го помагаат карневалот. Самата традииција налага маскирање во кожи од животинско потекло и маски со рогови. Карактеристично за Ратевски Бамбурци, е што ова е традиционална маска, учествуваат само машки во маскирањето, доколку се забележи девојка, се растура и се црни по лицето. Она што исто така е карактеристично, како што може да забележите е црнењето, кое го симболизира здравјето и така останало од постарите а продолжува да се негува со векови, истакна претседателот на Здруженито, Драган Аговски.
Маскирањето на Бамбурците почнува после полноќ на Водици, кога детските и возрасните групи се собираат заедно.
Настанот и годинава го отвори градоначалникот Звонко Пекевски, кој на организаторите им посака уште долги години да ја организираат оваа долговековна традиција која е една од најстарите во Малешевијата.
Во рамки на централниот настан на селскиот мегдан беа претставени маски на улесници од неколку градови и села, а имаше и гости од соседна Бугарија. Настанот продолжи со општонародна веселба во која најактивни учесници беа самите Ратевски Бамбурци. вс/фф/
Фото: МИА