• понеделник, 23 декември 2024

Благодарение на Свештената бигорска обител за Цветници повторно светна црквата „Успение на Пресвета Богородица" во Дебар

Благодарение на Свештената бигорска обител за Цветници повторно светна црквата „Успение на Пресвета Богородица
Дебар, 9 април 2023 (МИА) - По повод празникот Цветници, кој традиционално се одбележуваше во овој божји храм, црквата „Успение на Пресвета Богородица“  Дебар, по повеќе години, утрово, како некогаш, беше преполн со верници, постојани жители но и поранешни кои за празникот се тука.
 
Одржана беше Божествена Архиерејска Литургија, со која чиноначалствува епископот Антаниски Партениј, заедно со Архимандрит Доситеј, со јеромонасите од Бигорскиот манастир и секако со дебарскиот свештеник Миле Ангеловски.
 
-Чувствувам посебна радост што после повеќе од една деценија повторно се собравме во овој славен дебарски храм, кој еве денеска е преполн со народ. Особено сум радосен за тоа. На сите им посакувам Добра Страсна Седмица и Добра Пасха, рече меѓу другото владиката Партениј во својата беседа.
 
На литургијата пееше хорот Митрополит Козма Пречистантски од Кичево.
 
- Видете каква убавина е оваа. Имаш чувство како сите небесни ангели да слетале тука, во овој божји дом. Ме потсетува на некои поодамнешни години. Од срце им благодариме на Свештената бигорска обител и владиката Партениј за, се потсетува со носталгија Јованка Тодоровска чие срце вели е преполно од радост.
„Успение на Пресвета Богородица" 
 
Чувството на радост го делат и другите верници.
 
-На наша голема радост после долго време се одржа богослужба во храмот на Пресвета Богородица. Сите дебрани во текот на последниве 3 недели со радост доаѓаа да помогнат во подготовките околу празникот Влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим. И еве денес повторно сите сме собрани, го пречекаме и владиката Партениј, се е толку убаво. Нека ни е за многу години, вели со нескриено восхит Ленче Ангеловска од Дебар.
Сето ова, ја надополнуваат Билјана, не ќе беше возможно без браќата и сестрите од манастирите „Свети Георгиј Победоносец" од Рајчица и Бигорскиот манастир кои сесрдно учествуваа во подготовките на празникот.
 
-Денешниот ден за нас Дебарчани е голем ден. На наша огромна радост по долго време се удостоивме да бидеме дел од свечената литургија за големиот празник Цветници, кој го означува влегувањето на  Исус во Ерусалим. Огромна радост ни претставува исто така и тоа што Литургијата ја водеше Владиката Партениј. Нашиот храм е посветен на  Успение на Пресвета Богородица. Денес сум многу среќна што дојдоа верници од сите краеви на Македонија. На сите верници им го честитам денешниот ден им посакувам во најдобро светло да го дочекаат големиот Христијански празник Велигден, рече Марија Василевска.
 
Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ сместена во  во населбата Варош, во горниот дел на градот  изградена е во 1840 година и е една од најубавите преродбенски цркви во Македонија. 
 
Порано била главен соборен храм на Дебарското архиерејско намесништво и била седиште на Дебарската митрополија. Потврда за тоа е и фактот што и ден денес просторот до црквата дебрани го нарекуваат митрополија.
 
Според формата таа претставува трикорабна базилика, насликана со ѕиден живопис и иконостас со прекрасни икони од XIX век.
 
Неодамна врз храмот беа изведени обемни конзерваторски и реставраторски работи, со што беше заштитен неговиот покрив од прокиснување, беа санирани извесни оштетувања во внатрешноста и исто така, од страна на Бигорското братство беше извршено целосно расчистување на црквата.вт/бт/
 
Фото : МИА

Остани поврзан