• понеделник, 23 декември 2024

Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот ќе помага Струмица да стане дел од Европската рута на историски бањски градови (EHHTA)

Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот ќе помага Струмица да стане дел од Европската рута на историски бањски градови (EHHTA)

Струмица, 2 октомври 2024 (МИА) - Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот се вклучи во процесот на пристапување преку поддршка и учество нa состаноци со претставници на Советот на Европа и раководството на мрежата на EHHTA и се надеваме на позитивна одлука Струмица да се приклучи во мрежата на градови со културно-историско термално наследство, кое се користи во континуитет со векови, рече директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Билјана Стефаноска на прес конференцијата по посетата на Хидротермалниот медицински центар „Цар Самуил-Бања Банско“, каде оствари средба со управата на овој центар.

Како што истакна Стефаноска, посетата е иницирана од остварената соработка со Хидротермалниот медицински центар и АППТ лани во процесот на аплицирање и приклучување на градот Струмица во мрежата на градови-„European route of historical thermal towns EHTTA”, како дел од Културните рути на Совет на Европа.

-Вклучувањето во оваа и слични вакви европски мрежи од страна на различни субјекти кои се дел од културата и туризмот е важно заради зголемување на видливоста и промоцијата на потенцијалите кои ги има нашата држава, како не толку откриена туристичка дестинација, а се во насока на туристичко брендирање на државата и регионите. Земјата треба да се етаблира како бренд дестинација, а во тоа ќе мора да се инвестира и интензивно да се работи, подвлече Стефаноска.

Додаде дека е важно да се разговара за промоција на бањскиот туризам во туристичката понуда на Република Македонија и промоција на културно-историските и природните знаменитости на Струмица и регионот, посебно што бањскиот и велнес туризмот се се поатрактивни за туристите.

Теодорос Константакос, генерален директор на хотелот „Цар Цамуил“, се заблагодари на можноста тие да бидат дел проектот и да станат дел од Европската рута на историски бањски градови.

-Ние имаме цел со инвестиција да додадеме вредност на секој сектор-прво на околината и второ на гости и клиенти кои ќе го посетат нашиот објект. Сакаме да го зголемиме капацитетот не само за пари, туку ќе враќаме на нашите гости со здравство, очекувања и да бидеме на највисоко ниво, не само за нас туку и за целата државата и да бидеме пример за другите, рече Константакос.

Во одговор на новинарско прашање на МИА за потенцијалите на спа туризмот и дали државата има стратегија за развој на овој вид туризам, директорката Стефаноска рече дека во моментот е најпотребно е национална стратегија за туризам, бидејќи последната стратегија е подготвена во 2008 година.

-Прва работа којашто треба Министерството за култура и туризам заедно со Владата и Агенцијата е да работи на национална стратегија и сите други стратегии на регионите треба да бидат во рамки на таа глобална слика.Како држава имаме потенцијал и тоа можеме да го видиме денеска во Струмица како може доколку се има љубов, волја, ентузијазам за работа се може да се постигне и да вмрежиме во најголемите асоцијации на европско ниво.Тоа ќе биде еден голем чекор доколку Струмица се вмрежи во групата на EHHTA со градовите со историски термални градови, одговори директорката Стефаноска.

Според неа, за да се оствари целта Струмица да стане дел од EHHTA најважно е да се одржи континуитетот на Римската терма и Турската бања во Банско и доколку се докаже тој континуитет и тие бањи се реставрираат ќе биде исполнет главниот предуслов Хидротермалниот медицински центар „Цар Самуил – Бања Банско“ и Струмица да влезат во таа мрежа. рт/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан