Шпанскиот премиер Санчез најави 10,6 милијарди евра помош за регионот погоден од поплавите
- Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска најави итен план за помош во вредност од 10,6 милијарди евра за граѓаните и компаниите погодени од смртоносните поплави што го опустошија југоисточниот дел на земјата.
Maдрид, 5 ноември 2024 (МИА) - Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска најави итен план за помош во вредност од 10,6 милијарди евра за граѓаните и компаниите погодени од смртоносните поплави што го опустошија југоисточниот дел на земјата.
„Вкупните инвестиции од сите овие први мерки ќе надминат 10,6 милијарди евра“, рече социјалистичкиот премиер и презентираше низа мерки за помош, усвоени на владината седница.
Според последните податоци, во разорните поплави што пред една недела ја зафатија југоисточна Шпанија животот го загубија 218 луѓе, а уништен е огромен имот.
Премиерот рече дека во последните 72 часа, откако последен пат зборуваше со јавноста, бројот на војници и полицајци распоредени во подрачјата опустошени од поплавите се зголеми на речиси 15.000.
„Бројот на лица испратени од шпанската Влада, војници, припадници на националната полиција, цивилна гарда, се зголеми од 7.300 на 14.898, а им се придружија 287 шумски чувари, околу 100 цариници, како и 600 возила и специјализирани машини за испумпување, расчистување и снабдување на погодените подрачја“, рече премиерот.
Говорејќи за пакетот помош, премиерот рече дека тоа е само првиот чекор.
„Пакетот вклучува директна помош, како и фискални олеснувања за компаниите и поединците. Помош ќе добијат 65.000 работници и околу 30.000 компании“, рече Санчез.
Премиерот најави и кредитна линија од пет милијарди евра за мали и средни претпријатија, независни работници и семејства, според модел многу сличен на оној што се применуваше за време на пандемијата.
Владата денеска и официјално прогласи состојба на природна катастрофа во погодените подрачја и се обврза дека ќе покрие 100 отсто од трошоците што општините ги направија за расчистување на улиците и помагање на луѓето.
Покрај тие итни мерки, Санчез увери дека Владата работи на долгорочен план за реконструкција на погодените области, неопходен за прилагодување на областа кон климатските промени. рп/
Фото: МИА архива