• вторник, 02 јули 2024

Oбјавeни добитниците од конкурсот „Trash for Art“ 2022

Oбјавeни добитниците од конкурсот „Trash for Art“ 2022
Скопје, 21 март 2022 (МИА) - „Пакомак“ ги прогласи победниците на конкурсот „Trash for Art“ за оваа година. Со пораката „Истражи ја креативноста“, од „Пакомак“ информираат дека се обиделе да ги мотивираат сите заинтересирани да пријават свое дело и да докажат дека отпадот не е само „ѓубре“. Во официјалната селекција учествувале само доставени дела кои се изработени од минимум 10 парчиња амбалажен отпад (од ист или од различен тип амбалажа), високи до 150 сантиметри. Од „Пакомак“ посочуваат дека под амбалажен отпад се подразбираат: лименки, шишиња, тегли, капачиња, картонски кутии, конзерви, амбалажа од козметика и од средства за чистење и сл. - Конкурсот „Trash for Art“ беше отворен за пријавување дела од 15 до 17 март, а неговата цел е да ги потсети граѓаните на нашата земја дека отпадот може да заземе различна форма и да добие нов живот, благодарение на умствената креативност и вештиот допир. Оваа година беа поднесени вкупно 185 дела, а најдобрите од нив, кои беа наградени, ќе останат во трајна сопственост на Пакомак, посочуваат од компанијата и потенцираат дека конкурсот го организираа во соработка со „Пивара Скопје“ и „БиМилк“. Во категоријата градинки: Првото место – награда 30.000 денари и припадна на градинката „Борис Трајковски” од Демир Капија за уметничкото дело „Крава“, второ место – награда 20.000 денари за „Дрво со овошје“ на градинката „Детска Радост” од Скопје и трето место – награда 10.000 денари на градинката „Светот на Колорес” од Скопје за делото „Мајка и дете“.   Категорија основни училишта: прво место – награда 30.000 денари „Паун“ од О.У. „Димитар Миладинов“ од Скопје, второ место – награда 20.000 денари за „Пирана“ на О.У. „Димо Хаџи Димов“ од Скопје и трето место – награда 10.000 денари за „Кола“ на О.У. „Димче А. Габерот“ од Демир Капија. Категорија Поединци и други институции: прво место  – награда 30.000 денари за „Був“ на авторот Александар Момчилов, второ место – награда 20.000 денари за „Полжав“  на авторот Огнен Илоски и трето место – награда 10.000 денари за делото „Кит“ на авторката Михаела Стојменовиќ. Специјална награда од „Пивара“ – 30.000 денари доби делото „Петел“ од авторката Еми Смиљковска, а специјална награда од „БиМилк“ – 30.000 денари за „Фламинго“ на авторката Јасмина Арсовска. Повеќе информации за конкурсот и наградените дела можете да се најдат на официјалната страница на Пакомак.фф/лв/

Остани поврзан