• понеделник, 23 декември 2024

Самарас го повика Мицотакис да подготви повлекување од „национално опасниот Договор од Преспа“

Самарас го повика Мицотакис да подготви повлекување од „национално опасниот Договор од Преспа“

Атина, 2 јули 2024 (МИА) – Го повикувам премиерот веднаш да одлучи да ја промени надворешната политика што ја следи. Да стави вето за Албанија. Да подготви, преку создавање на силна правна и политичка група на експерти, повлекување од национално опасниот Договор од Преспа. Да стави, како Бугарија, вето на секој чекор на Скопје, чиј иредентизам мораме сега и насекаде да го пријавиме. Целосно да се ревидира пријателството со Турција, со што во пракса ќе стане јасно дека не може да не уценуваат, да ни се закануваат, не се плашиме, истакна поранешниот грчки премиер Андонис Самарас, јави дописничката на МИА од Атина.

Самарас синоќа говореше на промоцијата на книгата на новинарот Манолис Котакис посветена на Костас Караманлис, кој исто така им се обрати на присутните.

Поранешниот грчки премиер Самарас од редовите на Нова демократија, упати остри критики до неговиот сопартиец и актуелен претседател на Владата на Грција Кирјакос Мицотакис за низа теми во земјата, почнувајќи од изгласаниот закон за истополовите бракови, па сè до т.н. национални прашања, за кои рече дека Грција постојано е на мета на навреди и понижувања, „од Скопјаните, Албанците и секако „пријателите“ Турците“.

- Предупредив и за потребата од наше постепено повлекување од срамниот Договор од Преспа, кој Скопје од почетокот не го почитуваше како што не ја почитуваа ниту Времената спогодба на Андреас Папандреу. Добро ми е познато што значи вршење притисок од „пријатели“, секако за нивен интерес. И на Костас Караманлис му беше извршен, но во Букурешт рече „не“. И мене ми беше извршен, но ги пресеков од почеток и никогаш не го повторија тоа, рече Самарас.

Посочи дека „Договорот од Преспа е тој што го храни национализмот и аспирациите на некои комбинации на сили на Балканот“, додавајќи дека токму ова било цврстото мислење на основачот на Нова демократија Константинос Караманлис, повторувајќи ја неговата изјава „Македонија е една и таа е грчка“.

-Завчера, скопската претседателка на државата Сиљановска јавно ја изрази иредентистичката догма: вели, се сретнала, со претставници на Децата бегалци од Егејска Македонија и разговарала со нив за прославите за 75-годишнината од прогонот на Македонците од Егејот. Што друго треба да слушнеме за конечно да се разбудиме?, рече Самарас.

На прашањата од надворешната политика, се осврна и поранешниот премиер Костас Караманлис и рече дека треба да се испрати јасна порака до Тирана и Скопје дека однесувања како тие на две земји кон Грција не може да се толерираат и повлекуваат последици, но и да се укаже дека патот кон Европа зависи од Грција.

На промоцијата на книгата „Доверливите досиеја на Караманлис“ на новинарот Манолис Котакис, присутни беа пратеници од Нова демократија, министри од Владата, како и владиниот портпарол Павлос Маринакис, но не и актуелниот грчки премиер Кирјакос Мицотакис.

За говорите на Самарас и Караманлис, владини извори, за грчките медиуми кусо рекле дека не коментираат изјави или говори на поранешни премиери. ср/ац/

Остани поврзан