• сабота, 21 декември 2024

Mанифестација „Голачки фолклорни средби“ во Делчево

Mанифестација „Голачки фолклорни средби“ во Делчево
Делчево, 9 август 2022 (МИА) - Mанифестацијата „Голачки фолклорни средби“ се одржа синоќа во Делчево, во организација на Националната установа центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“, а со поддршка на Министерството за култура и градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски. Тој истакна дека е чест да се биде покровител на манифестацијата, со која Делчево секоја година испишува нова страница на културата и традицијата. -Во чест на традицијата и годинава го одржуваме фестивалот во Делчево, иако со години се одржува во неговата природна средина, таму каде што се родил и опстојувал 25 години, покрај манастирот „Св.Пантелејмон“, кај врвот Чавка на планината Голак. Причините се очигледни и превентивни, мора да бидеме внимателни со шумите, тие се нашите бели дробови и мерките кои се преземаат се во насока на заштита од пожари. Не смееме да дозволиме и најмало невнимание да ни ја пеплоса шумата, рече Трајковски. Во рамки на Меѓународниот фолклорен фестивал се одржа дефиле, по што на летната сцена во градскиот парк во Делчево настапија девет групи од земјава и странство, -Културно-уметничкото друштво „Вера Јоциќ“, учествуваше по 27 пат на оваа манифестација. Овој пат се претставивме со кореографијата „Истребување на чумата“. Се надеваме дека од следната година повторно ќе можеме ние, но и другите групи, да се претстават на сцената на преубавиот Голак, рече Дејвид Стаменковски, кореограф на младите играорци од Македонска Каменица. За граѓаните најважно е што традицијата на Голачките фолклорни средби продолжи и годинава. -Супер е многу убаво и весело што е најважно. Манифестација која како и секоја година се одржува во прсрет на убав празник, нека е за многу години денешниот ден, истакна делчевецот Радован Пешовски. Манифестацијата „Голачки фолклорни средби“ традиционално секоја година се одржува на планината Голак, каде ноќта на 8 спроти 9 август,  стотици граѓани под шатори преспиваат на планината во чест на Св, Пантелејмон, чиј манастир се наоѓа во близина на врвот Чавка. вс/рп/

Остани поврзан