• вторник, 19 ноември 2024

Ќе се санира Домот на култура „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода

Ќе се санира Домот на култура „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода

Скопје, 3 октомври 2022 (МИА) - Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски денеска потпиша Договор со директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи, преку кое Министерството за локална самоуправа и додели на оваа локална самоуправа 2.294.571 денари.

Како што соопшти Општина Кисела Вода, со финансиско партнерство меѓу локалната самоуправа и оваа институција ќе се извршат градежни зафати за санирање на штетите настанати поради неодржување на објектот на Домот на култура „Билјана Беличанец“, кои го направија речиси сосема нефункционален. Градежните работи ќе можат да почнат по тендерската постапка, чие распишување е следен чекор на Општина Кисела Вода.

Во овој објект беше сместено некогашното кино во Кисела Вода. По темелната обнова во 2015 година, беше пренаменет во Дом на култура, кој потоа го доби името „Билјана Беличанец“.

- Поради одредени судски спорови, во владение на Општината, беше предаден дури шест години подоцна, а во меѓувреме, поради несовесното управување на претходните општински власти, ова место поради штетите не можеше да се користи за она коешто беше предвидено, да биде Центар на културата на локално ниво, се наведува во соопштението.

Со санацијата на Домот на култура „Билјана Беличанец“ културните манифестации ќе бидат достапни не само за жителите на Кисела Вода, туку и на општините Зелениково, Сопиште, Студеничани и Аеродром кои немаат кино и Дом на култура и со тоа целиот проект има и поширока, регионална димензија.

До овој објект е лоциран паркот „Македонија“, а во непосредна близина ќе се гради и затворен пазар во општина Кисела Вода. мд/сп/

Остани поврзан