• недела, 30 јуни 2024

Ќе се гради нов и модерен плоштад зад „Капитол Мол“ во Аеродром

Ќе се гради нов и модерен плоштад зад „Капитол Мол“ во Аеродром
Скопје, 26 октомври 2022 (МИА) - Наскоро почнуваат градежни активности за целосна реконструкција и модернизација на просторот зад „Капитол Мол“, локација што е една од најфреквентните во Општина Аеродром. Просторот зад „Капитол Мол“, како што најавија од Општина Аеродром, ќе добие целосно нов и модерен изглед, со што жителите на Аеродром добиваат уште еден нов плоштад. Реконструкцијата е целосно финансирана со средства од буџетот на Општина Аеродром, a проектот опфаќа хортикултурно и партерно уредување на целиот простор со вкупна површина од 5000 квадратни метри. Дополнително, во рамки на реконструкцијата старите и дотраени плочки ќе бидат заменети со нови гранитни плочи, а ќе бидат поставени нови современи канделабри, светла со димери, како и нови клупи, канти и друга урбана опрема. - Инвестираме во модерна и убава општина. Се грижиме жителите на Аеродром да имаат соодветни места каде ќе го поминуваат своето слободно време. Продолжуваме да вложуваме во нови содржини и локации за најмладите, но и за возрасните. Сите тие заслужуваат уредени урбани локации кои урбанистички и хортикултурно ќе се вклопат во одржувањето на епитетот „најубава скопска општина“. Со ова реализираме уште еден важен и значаен проект, кој беше дел од моите ветувања, истакнал градоначалникот Тимчо Муцунски, се наведува во соопштението од Општина Аеродром. цр/са/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан