Јанев: Обуката со американските сили го јакне капацитетот на нашата безбедност
- Горди сме на професионалноста на нашите елитни единици, кои рамо до рамо со партнерите од Армијата на САД разменуваат искуства и знаења, истакна директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, кој присуствуваше на воените и антитерористички вежби на специјалната единица САЕ – Тигар.
Скопје, 17 јуни 2025 (МИА) - Горди сме на професионалноста на нашите елитни единици, кои рамо до рамо со партнерите од Армијата на САД разменуваат искуства и знаења, истакна директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, кој присуствуваше на воените и антитерористички вежби на специјалната единица САЕ – Тигар.
Како што пренесуваат од Министерството за внатрешни работи, Јанев нагласил дека оваа обука е потврда за високото ниво на доверба и партнерство меѓу македонските и американските безбедносни сили.
-Ова е уште една потврда за нивото на доверба и соработка што го имаме со нашите стратешки сојузници, истакнал директорот Јанев, потенцирајќи дека оваа заедничка обука всушност е дел од пошироката програма за меѓународна соработка и зајакнување на интероперабилноста на специјалните сили, организирана со поддршка на Амбасадата на САД во РСМакедонија и Канцеларијата за регионална безбедност.
Според Јанев, станува збор за активности кои не само што го зајакнуваат капацитетот на безбедносните сили, туку ја унапредуваат и стратешката поврзаност меѓу институциите на двете земји.
Обуката, која се реализира во соработка со баталјонот „Волци“ од Армијата на Северна Македонија и специјалните сили на Армијата на САД – Зелените Беретки, се одржаа на армискиот полигон „Криволак“ и во седиштето на САЕ – Тигар, како дел од повеќенеделната програма за размена на тактики и техники.
Од МВР дополнуваат дека следната ваква обука е веќе во подготовка и ќе се реализира во август 2025 година, со фокус на напредни противтерористички техники.ар/са/
Фото:МВР