• понеделник, 23 декември 2024

Јавна дебата на ДКСК за измените на Правилникот за урбанистичко планирање

Јавна дебата на ДКСК за измените на Правилникот за урбанистичко планирање
Скопје, 17 јуни 2022 (МИА) - Измените на Правилникот за урбанистичко планирање се во насока на доуредување на Законот за урбанистичко планирање со кои даваме законски насоки на општините, на планерите и други вклучени чинители или во постапката во кои правци треба да се движат изработката или ревидирањето на урбанистичките планови, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на денешната јавна дебата „Дискрециските овластувања при донесување подзаконски акти како ризик од корупција во урбанистичкото планирање” во организација на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). - Слушнавме одредени реакции во врска со последните измени на Правилникот за урбанистичко планирање со членот 117 во насока дека Министерството со овие измени ја скратува можноста на општините да изработуваат и коригираат постоечки планови во насока на намалување на урбанистичките параметри за градежните парцели со намена најчесто А2 колективно домување. Уште на стартот сакам да потенцирам дека оваа констатација е неточна која се пласира во јавноста. Измената на членот 117 од Правилникот е во насока на доуредување со оптималните вредности на процентот на изграденост и коефициентот на искористеност на земјиштето и тоа во подрачја во кои нема, односно има податоци за планирање и градење. Оваа одредба од Правилникот не ги дерогира одредбите од Законот за урбанистичко планирање за хиерархиска и хоризонтална усогласеност на урбанистичките планови со плановите од повисоко ниво на планирање. Стекнатите права од измената на Правилникот се однесуваат на локации каде урбанистичкиот план се реализирал како таков, поточно има издадено одобрение за градење, други договорни обврски, затоа неслучајно е уредено каде има податоци за планирање и градење, рече Бочварски. При изработката на урбанистичките планови, потенцира Бочварски, треба да се применат одредбите од Законот за урбанистичко планирање и Правилникот за урбанистичко планирање каде членот 122 став 5  гласи дека прецизно е уредено дека се дава автономна можност на општините за намалување на урбанистичките параметри на веќе донесените урбанистички планови доколку има нарушување на јавниот простор или се нарушува јавниот интерес. - Дополнително, Министерството за транспорт и врски во Правилникот за урбанистичко планирање од 2020 година веќе дефинирал оптимални вредности на процент на изграденост и коефициент на изграденост кои се значително помали во однос на претходните законски акти кои што беа на сила. И исклучиво се во насока на заштита на јавниот простор и хуманото живеење. Би го напоменал конкретниот пример како споредба, на стариот Закон за урбанистичко планирање со новиот каде што во стариот беше дефинирано дозволениот процент на изграденост на А2 класа на колективно домување изнесува максимални 70 проценти, додека со новиот правилник е превидено процентот на изграденост за истата класа на намена А2да се движи во рамките од 30 до 60 проценти, параметри преку кои директно влијаеме за намалување на интензитетот на градењето во нашата земја, појасни тој. Бочварски ги охрабри општините веднаш да влезат во постапка на ревидирање на веќе постоечките планови онаму каде што мислат дека тоа е потребно. Билјана Ивановска, претседател на ДКСК истакна дека со Правилникот за урбанистичко планирање, кој што на 28 април годинава го донесе Владата на Северна Македонија, помеѓу останатото се утврдува правото во подрачја за кои има податоци за планирање и градење при одредување на максималните вредности на процентот  на изграденост, на коефициентот на искористеност на земјиштето да се применуваат вредностите на процентот на изграденост и коефициентот на искористеност на земјиштето утврдени во важечките урбанистички планови, односно како што биле уредени во претходните планови, затоа што се работи за претходно стекнати права со урбанистички план. -Се поставува прашањето дали со ваквите термини со урбанистички план стекнати права, односно стекнати права со урбанистички план спротивно на уставниот поредок се признава и се заштитува право кое како такво не е превидено со Законот за урбанистичко планирање, со Законот за градење и со други релевантни закони. Дали последиците од примената на таканареченото стекнато право со урбанистички план ќе оневозможат менување на несоодветни и со ГУП неусогласени детални урбанистички планови, односно дали ќе  мора да се задржат максималните височини на објектите, процентот на изграденост другите урбанистички параметри на штета на урбаното зеленило, на квалитетот на воздухот, на климатските промени,а тоа директно да се одрази врз квалитетот на живот. Дали со ваквата измена Правилникот за урбанистичко планирање се отвора врата за повторно донесување еднаш укинатите урбанистички планови од Уставниот суд со истите високи вредности на урбанистички параметри заради кои биле победени иницијативите од страна на граѓанските организации, рече Ивановска. Андријана Андреева, директор на Агенцијата за планирање на просторот исто така ги коментира измените на Правилникот. - Во членот 1, 2 и 3 од донесената измена на Правилникот видовме дека измените се однесуваат на уточнување, односно усогласување на видот на урбанистички проекти кои служат за детална разработка на урбанистичките планови, како и додефинирање на обемот на разработка на урбанистичкиот проект со кој се уредува просторот кој претходно не е уреден со урбанистички план. Понатаму, се препишува содржина кој треба истиот да содржи, но и начинот на понатамошна примена на урбанистичкиот проект при неговото спроведување. Во членот 4 е извршено прецизирање на одреден наменска употреба на земјиштето и градбите во табеларен приказ на намени, како и дополнување со детално објаснување на градбите кои припаѓаат на одредена наменска зона. Истото е претставено и прикажано со табеларен приказ, односно преку класификација на градби и нивна намена и е составен дел од Правилникот. Во членот 5 се изменуваат досега пропишаните урбанистички параметри кои се составен дел на секоја урбанистички план и проект, односно тие се процентот на изграденост и коефициентот на искористеност. Во вториот дел од членот 5 или не можеме да ја увидиме или пак не можеме да ја препознаеме потребата за пропишаната одредба, несомнено дека вака пропишаната нејзиното стриктно применување може да создаде ситуации кои се неточни и спротивни на јавниот интерес, рече Андреева. Според Слаѓана Тасева, претседател на Транспаренси Интернешнл Македонија, наведе дека областа урбанизам и градежништво бара постојано да биде под опсервација и постојано да се дискутира затоа што, според нејзини претходни искуства постојано во оваа област работите остануваат недоречени, недоуредени и се решаваат на начини со носење на ад-хок решенија. - Таа е една од областите во која што најчесто се вршат измени во законите. И анализите што сме ги направиле порано покажуваат дека тука најчесто може да наидеме на закони носени по мерка или измени во законите носени во мерка. Но, исто така може да се случи и со подзаконските акти и со урбанистичките планови, рече Тасева.фф/лв/

Остани поврзан