• понеделник, 31 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Јавен повик за финанска поддршка на проектот „Прослава и животот на Горан Стефановски“

Јавен повик за финанска поддршка на проектот „Прослава и животот на Горан Стефановски“

 Скопје, 28 март 2025 (МИА) - Општина Центар објави јавен повик за финансиска поддршка за проектот „Прослава на животот на Горан Стефановски“, што ќе се реализира на 27 април годинава во чест на роденденот на еден од најголемите македонски драматурзи.

- Горан Стефановски е еден од нашите најголеми културни творци и имаме обврска да го зачуваме неговото наследство, особено за помладите генерации. Овој проект е многу важен за Општина Центар и за македонската култура бидејќи преку организацијата на настанот „Горан е тука!“, покажуваме дека луѓето кои оставиле голем белег имаат само датум на раѓање и во една друга уметничка форма се секогаш присутни во нашето општество. Роденденот на Горан Стефановски, на 27 април, се одбележува од 2019 година, па така и овој април посветуваме внимание на легендата која потекнува токму од нашата општина, од срцето на Дебар Маало, истакна градоначалникот Горан Герасимовски.

Проектите поддржани со овој јавен повик, како што информираат од Општина Центар, ќе бидат составен дел од Годишната програма за култура на Општина Центар за 2025 година, и согласно на тоа, вкупниот износ на финансиската поддршка за проектот изнесува 300.000 денари.

Право на учество имаат сите здруженија, организации и правни субјекти кои дејствуваат во областа на културата најмалку една година и се регистрирани со седиште на територија на општина Центар.

Рокот за пријавување е пет дена од денот на објавување на јавниот повик на веб-страницата на Општина Центар, а сите заинтересирани може да поднесат пријави и документација преку пошта или лично во архивата на Општина Центар.

Пријавата за финансиска поддршка е достапна на веб-сајтот на Општина Центар: https://www.centar.gov.mk/?p=24774.  дма/бак/


Фото: Општина Центар

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан