• понеделник, 20 мај 2024

Ѓурчиновски - Кристоферсен: Одлична соработката меѓу армиите на С.Македонија и на Норвешка, можности за нејзино унапредување

Ѓурчиновски - Кристоферсен: Одлична соработката меѓу армиите на С.Македонија и на Норвешка, можности за нејзино унапредување

Охрид, 10 мај 2024 (МИА) – Началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, денеска во Центарот за обука на вода на армијата во Охрид се сретна со неговиот норвешки колега, генерал Ерик Кристоферсен, кој се наоѓа во дводневна официјална посета на земјава.

Двајцата соговорници како особено значајна ја оценија долгогодишната соработка меѓу двете армии, со уверување дека во понатамошниот период истата ќе се унапредува.

Гостинот од Кралството Норвешка го истакна значењето на споделување на обврските и заедничките настапи во операциите на НАТО за достигнување на меѓусебната интероперабилност во заедничкото справување со сите безбедносни предизвици.

Генералот Ѓурчиновски ја изкористи можноста да се заблагодари за норвешката поддршка и за големиот број заеднички проекти со кои се подобрува интероперабилноста и способноста на АРМ за извршување на задачите.

Во оваа прилика Ѓурчиновски на Кристоферсен му додели високо армиско признание „Златна значка на Армијата“ во знак на благодарност за досегашната помош и поддршка, меѓу кои е последната голема донација составена од 76 неборбени моторни возила, иницирана на една од претходните средби на двајцата генерали.

На работната средба со дел од клучниот персонал од Генералштабот пред делегацијата од ВС на Кралството Норвешка се презентираа степен на трансформација и реформите во Армијата на Република Северна Македонија, актуелното учество и придонес во мисиите, капацитетите на армискиот полигон „Криволак“ за изведување на обука и вежби и учеството во заедничките активности на НАТО.

Генералите Ѓурчиновски и Кристоферсен ја проследија и показната вежба на припадниците на Баталјонот на специјални сили на АРМ, а пред делегацијата беа изложени и дел од моторните возила кои беа добиени како воена донација од Кралството Норвешка, при што делегацијата беше запознаена со планот за нивно распоредување и активностите во кои ќе бидат употребувани.

Армијата и Министерство за одбрана имаат развиено одлични билатерални релации со ВС на Кралството Норвешка што се реализираат на повеќе полиња, меѓу кои стручно усовршување на офицери и подофицери за штабни должности, обука и размена на искуства во санитетска обука, односи со јавноста и друго.

Покрај моторните возила, Кралството Норвешка досега на Армијата на Република Северна Македонија ѝ донираше и софистицирана опрема за заштита на телекомуникациските врски, медицински материјал и компјутерска опрема, музички инструменти за потребите на Воениот оркестар и особено значајна е донацијата на Лесната маневарска полска болница.

Воените сили на Кралството Норвешка заедно со македонски хируршки и медицински тимови извршуваа задачи во рамките на мисијата „ИСАФ“ и „Одлучна поддршка“ во Авганистан, кои беа дел од персоналот во норвешката полска болница со улога 2. аб/цр

Фото: АРМ

Остани поврзан