• понеделник, 23 декември 2024

Шолц ги нарече „меурите“ на социјалните мрежи „проклетство“ и им препорача на луѓето да читаат книги

Шолц ги нарече „меурите“ на социјалните мрежи „проклетство“ и им препорача на луѓето да читаат книги

Берлин, 29 јули 2023 (МИА) - Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека социјалните мрежи ги зајакнуваат однапред замислените мислења на луѓето, што е „проклетство“, јави ДПА.

„Тоа е проклетството на социјалните мрежи: да можеме удобно да седиме во нашиот балон, каде што ни се нуди само она што априори мислиме дека е правилно“, изјави политичарот од германската Социјалдемократска партија за саботното издание на весникот Зидојче цајтунг.

Сепак, секогаш е возбудливо „новото, непознатото“, продолжи Шолц. Германскиот канцелар се довери дека токму поради оваа причина сака да чита.

- Книгите ви даваат многу различни перспективи за животот, надвор од сопственото животно искуство, смета Шолц. - И тоа е добрата работа за литературата, таа ви дава можност да искусите работи кои никогаш не сте ги поминале сами и честопати не сакате да ги поминете, рече тој.

Шолц додаде дека книгите се „прекрасен додаток“ на разговорите што ги води со граѓаните како политичар.

„Сите овие разговори за мене како политичар се можност да се запознаам со најразновидните мислења и гледишта на граѓаните кои водат многу поинаков живот од мојот. Книгите го збогатуваат моето животно искуство со книжевна компонента и не сакам да го изгубам тоа за ништо на светот“.

Канцеларот додаде дека сака да чита. „Понекогаш читам повеќе, понекогаш помалку, понекогаш читам повеќе романи - потоа се враќам на нефикција. Периодите се менуваат“, рече тој.

На пример, кога беше претседател на младинската организација на партијата, имаше „долг период во кој бил занесен од научната фантастика“.

Шолц откри дека не сака да чита во кревет. „Ако сакате да се концентрирате, подобро е да седнете. Затоа читам седејќи на стол, на фотелја, на перваз на прозорец, во кола или во авион. Порано дури и само седев на подот потпрен на ѕидот и читав“. ссм/

фото: пиксабеј

Остани поврзан