• четврток, 11 јули 2024

Шеф на српска дипломатија: Потребен ни е дијалог на највисоко политичко ниво со САД 

Шеф на српска дипломатија: Потребен ни е дијалог на највисоко политичко ниво со САД 

Белград, 11 јули 2024 (МИА) - Српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ, кој престојува во Вашингтон, изјави дека присуството на Србија на самитот на НАТО не значи промена на политичкиот курс, туку дека е важно Белград да има свој претставник на овој настан бидејќи тоа му е во интерес, јави дописникот на МИА од Белград.

-Деновиве во Вашингтон лобираме за позицијата на Србија во западниот дел на меѓународната заедница, разговараме со нашите пријатели како да ги зајакнеме нашите економски, политички, безбедносни и сеопфатни односи, изјави Ѓуриќ.

Тој додаде дека имал можност накратко да разговара со американскиот државен секретар Ентони Блинкен и дека го поканил да ја посети Србија.

-Потребен ни е дијалог на највисоко политичко ниво со САД, не само за да продолжиме со растот и развојот на нашата економија, бидејќи Америка е партнер број еден во однос на услугите во областа на високата технологија, туку ни треба соработка и во оние прашања околу кои не се согласуваме, како што е прашањето за статусот на Косово и Метохија, кое не може да се реши на позитивен начин, без активен ангажман, не на официјално и редовно ниво, туку на највисоко политичко ниво во САД, рече Ѓуриќ.

На новинарско прашање дали има реакција од Москва за учеството на Србија на Самитот на НАТО, Ѓуриќ рече дека Србија е во Вашингтон како независна, воено неутрална земја, партнер, која „е членка на Партнерството за мир неколку децении и која ја води својата надворешна политика почитувајќи ги различните актери во меѓународната заедница“.

Ѓуриќ додаде дека Србија продолжува да „притиска кон почеток на стратешки дијалог меѓу Србија и САД“.  -Верувам дека ова е важна институционална форма за унапредување на односите меѓу нашите земји во иднина и сето она што сметам дека е интерес на Србија, кога станува збор за позиционирањето на Србија во овој дел од светот, корегирање можеби на некои негативни слики од минатото кои се формираа во некои децении кои за среќа се зад нас, и проектирање на нова слика за Србија како земја која се развива на мудар начин, земја која става огромен фокус не само на нејзиниот економски развој, но и како земја која сака да создаде еден вид општество на својата територија што ќе ја направи навистина добро место за живеење за сите луѓе кои живеат во нашата земја. Значи, тотално „ребрендирање“ и промена на имиџот на Србија, но врз основа на вистински настани и реални факти, изјави срспкиот министер за надворешни работи. об/ссм/

Остани поврзан