• петок, 12 јули 2024

Коњуфца: Изјавите за опасност од нов напад од Србија се за меѓународниците, не за да се плаши народот

Коњуфца: Изјавите за опасност од нов напад од Србија се за меѓународниците, не за да се плаши народот

Приштина, 11 јули 2024 (МИА) – Претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца, во врска со неговата изјава дадена пред неколку дена дека Србија обучува групи за можен нов напад во Косово, рече дека тоа не го направил за да ги исплаши граѓаните на Косово, туку за да ѝ укаже на меѓународната заедница за српските активности, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во изјава за медиумите по денешната седница на Собранието, Коњуфца рече дека моментно „Косово е многу безбедно“.

- Ние не кажуваме на нашиот народ, јас не зборувам за народот, зборуваме за меѓународната заедница. Меѓународната заедница мора да ја казни Србија. Она што всушност го споделив е истото тоа што два дена подоцна го рече господинот (поранешен командант на НАТО, Весли) Кларк. Значи не е без врска тоа што го кажуваме. Овие работи не ги кажуваме за да предизвикаме страв, ги кажуваме за подобро да се разбере вистината, но не му ги кажуваме на нашиот народ. Јас не зборувам овде за народот, зборувам за меѓународната заедница. Меѓународната заедница треба да ја казни Србија бидејќи тоа е она што Србија го прави, рече Коњуфца.

Спикерот на косовското Собрание нагласи дека и меѓународната заедница знае оти Србија има територијални претензии кон Косово.

Меѓутоа, додаде тој, „Косово никогаш не било поподготвено да одговори на каков било безбедносен предизвик“.

Дека има групи кои имаат за цел да го дестабилизираат Косово, Коњуфца изјави дека тие постојат и дека се засолнети во Србија, но „што се однесува до ситуацијата внатре во Косово, сé е под контрола“.

Коњуфца, пред неколку дена изјави дека на Србија треба да се гледа како на опасност, не само за Косово, туку и за целата стабилност и мир на Западен Балкан.

- Ако Србија остана неказнета за терористичката агресија во Бањска, која беше извршена во септември минатата година, тогаш Србија може да го повтори тоа сценарио, но во многу поголеми размери, изјави Коњуфца во вторникот. иа/рп/

Остани поврзан