• петок, 22 ноември 2024

Војната во Украина, климатските промени и миграцијата главни теми на дезинформации во предизборието во ЕУ 

Војната во Украина, климатските промени и миграцијата главни теми на дезинформации во предизборието во ЕУ 

Брисел, 12 јули 2024 (МИА) - Руската инвазија врз Украина, климатските промени и политиките на ЕУ за справување со нив, миграцијата, како и регуларноста и интегритетот на изборниот процес се темите кои најчесто биле предмет на дезинформациите пласирани во пресрет на изборите за членови на Европскиот парламент одржани на почетокот на минатиот месец, јави дописникот на МИА од Брисел. 

Пред изборите голем број лидери во ЕУ и европратеници изразуваа загриженост дека дезинформациите може да го поткопаат кредибилитетот на изборниот процес. 

- Забележавме зголемување на инцидентите со манипулација со информации во овој период, како што се обиди за напад врз интегритетот на изборниот процес, обесхрабрување на луѓето да гласаат и искривување на јавната дебата околу изборите, изјави во пресрет на изборите претставник на Европскиот парламент. 

Според координаторот на Асоцијацијата на европски независни организации за проверка на факти (ЕФЦСН), Штефан Мунџес, најдециден пример за обид за манипулации било пласирањето на дезинформации за време на земјоделските протести. 

Холандската консултантска фирма за социјални медиуми и дезинформации „Тролренсикс“ идентификувала околу 50.000 профили преку кои биле координирани мрежите за пласирање дезинформации, чија активноста на социјалните медиуми особено се зголемила во Франција, Германија и Италија непосредно пред евроизборите. 

Според „Тролренсикс“, најголем дел од дезинформациите пласирани преку профилите контролирани или поврзани со Русија оделе во прилог на екстремно десничарските партии – германската Алтернатива за Германија (АФД) и француската Повторно освојување (Р!) на Ерик Земур. 

null

Шпанската невладината организација Малдита во својот извештај за реакциите на социјалните мрежи на дезинформациите, посочува дека Фејсбук реагирал на 88 отсто од лажните објави, Инстаграм на 70, ТикТок на 40, Икс на 29, а ЈуТјуб на 24 проценти.  

Според Малдита, најмалку било реагирано на дезинформации поврзани со мигрантите и интегритетот на изборниот процес, при што ЈуТјуб и ТикТок воопшто не реагирале на лажните информации за миграцијата. 

Во извештајот на шпанската организација се проценува дека сепак и покрај обидите на социјалните мрежи за отстранување на дезинформациите, многу од нив станале вирални, особено на Икс, што предизвикува загриженост околу ефикасноста на мерките за справување со ваквите содржини. 

Истражувачка платформа ВиСквер информира дека во Централна и Источна Европа на ТикТок биле пласирани неколку „теории на заговор“ кои оделе во прилог на екстремно десничарските партии, додека организациите за проверка на факти и борба против дезинформациите, Фактабаари и ЧекФрст откриле дека сугестиите за пребарување на оваа социјална платформа често содржат говор на омраза и пристрасност против одредени политичари, како и дека нејзиниот алгоритам промовирал видеа за спорни национални прашања и неконзистентно применувал етикетирање на содржини поврзани со изборите со што потенцијално влијаел на искривување на перцепцијата во јавноста. 

По евроизборите, ТикТок соопшти дека отстранил 2.600 содржини поради нарушување на изборниот интегритет и 43.000 содржини поради пласирање дезинформации. 

Сепак, според експертите, во текот на евроизборите не биле откриени „големи обиди за манипулација со информациите“, што не било случај во предизборието во Франција и Велика Британија каде е регистрирано „широко распространето пласирање на дезинформации на социјалните мрежи“. 

Истрагата на непрофитната организација Глобак Витнес утврдила дека преку налози на ботови на Икс бил објавени над 60.000 неточни содржини, кои биле видени 150 милиони пати пред изборите во Велика Британија одржани на 4 јули. Според организацијата, содржините пласирани преку овие ботови често биле насочени кон засилување на поделбите, ширење политички пораки со елементи на омраза и поткопување на демократскиот дискурс. 

Во Франција, пак, според на Националниот центар за научни истражувања (ЦНРС), на Икс била воочлива кампања за „дестабилизирање на француската политичка сцена“, пласирана преку налози поврзани со Русија.  

Француска иницијатива за проверка на факти Нагласувачи (ЛС) посочува дека за време на изборната кампања во Франција, „руски и домашни ботови“ ширеле дезинформации главно фокусирани на претстојните Летни олимписки игри во Париз и наводно „наместените избори“. Според ЛС, некои пласирани дезинформации, пак, се засновале на „јавни заблуди или намерни невистини“ за прашања поврзани со миграцијата и криминалот.  

Нагласувачи посочуваат и дека често како извори на дезинформации се јавувале и самите кандидати за пратеници од целиот политички спектар, но пред се оние од екстремната десница. Најчесто на критики поради промовирање лажни наративи во корист на екстремната десница беа изложени медиумите во сопственост на францускиот бизнисмен Винсент Болоре. 

Но, според експертите, и покрај засилената кампања на ширење дезинформации тешко е да се процени нивното влијание врз изборните процеси, пред се поради недостиг на сеопфатни анализи и извештаи поврзани со оваа прашање.  

Во меѓу време, Европската комисијата најави дека „во рок од една година“ ќе поднесе извештај за странското мешање во ЕУ, како и за почитување на обврските од Законот за дигитални услуги од страна на социјалните мрежи. Една од тие обврски е и спречување и отстранување на дезинформации, лажни вести и содржини со говор на омраза. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан