• понеделник, 23 декември 2024

Вознемиреност меѓу политичарите во Германија поради руски заговор за убиство на директорот на „Рајнметал"

Вознемиреност меѓу политичарите во Германија поради руски заговор за убиство на директорот на „Рајнметал

Берлин, 12 јули 2024 (МИА) - Политичари во Германија изразија голема вознемиреност откако Си-Ен-Ен објави репортажа за наводен руски заговор за убиство на директорот на германската компанија за производство на оружје „Рајнметал", која има клучна улога во обезбедувањето воена помош за Украина, пренесе ДПА.

Си-Ен-Ен, повикувајќи се на пет неименувани американски и западни функционери, извести дека американското разузнавање открило планови на руската влада да го убие Армин Папергер, извршен директор на „Рајнметал", порано оваа година. Според извештајот, германските власти биле информирани за заговорот и поради тоа ги зголемиле безбедносните мерки за Папергер.

Официјален претставник на германската влада потврди за Си-Ен-Ен дека Берлин добил предупредување за заговорот. Папергер, кој отворено ја критикуваше руската инвазија врз Украина што започна во февруари 2022 година, веќе подолго време има лично обезбедување.

Маркус Фабер, претседател на комисијата за одбрана во германскиот Бундестаг, веднаш реагираше на наводниот заговор, изјавувајќи за германскиот таблоид „Билд": „Ова уште еднаш покажува дека Русија ја пренесува својата војна и терор и во Европа“. Тој додаде дека „режимот на Путин сега тргна и по животот на германски граѓани“.

Михаел Рот, претседател на комисијата за надворешни работи на Бундестагот, исто така коментираше за „Билд", истакнувајќи дека рускиот претседател Владимир Путин „води уништувачка војна не само против Украина, туку и против нејзините поддржувачи и нашите вредности“ . ссм/

фото: архива

Остани поврзан