Честитка од МАЕИ по повод 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба
- Честитка по повод 23 октомври, Денот на македонската револуционерна борба, упати единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).
Дебар, 23 октомври 2024 (МИА) - Честитка по повод 23 октомври, Денот на македонската револуционерна борба, упати единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).
-Нека оваа значајна дата ни служи како инспирација во нашите напори за зајакнување на македонската нација и зачувување на македонската култура и традиција. На денешен ден, 23 Октомври, се сеќаваме на историјата која нè определува, стои во честитката.
Во 1893 година, се додава, формирањето на Внатрешната македонска револуционерна организација - ВМРО, го означи почетокот на длабокото револуционерно движење насочено кон ослободување на Македонија.
-Оваа важна точка во нашата историја означува раѓање на првиот организиран политички субјект, кој постави камен-темелник на македонскиот отпор и ги негуваше стремежите за слобода и зачувување на нашиот македонски идентитет, се наведува во честитката.
Се посочува дека додека го одбележуваме овој историски настан, сите да потсетиме дека наша колективна должност е, каде и да сме, да го чуваме нашето богато наследство и посебен македонски идентитет.
-Честит Денот на Македонската револуционерна борба на сите граѓани на Македонија и на Македонците ширум светот! Нека се одржи нашата борба за правдата и единството, се посакува во честитката потпишана од Васил Стерјовски, претседател МАЕИ. вт/мч/
фото: МИА архива