• недела, 24 ноември 2024

Црвен крст: Иновативните програми ги поттикнуваат младите кои преку креативен пристап, полесно ги совладуваат дигиталните вештини

Црвен крст: Иновативните програми ги поттикнуваат младите кои преку креативен пристап, полесно ги совладуваат дигиталните вештини

Скопје, 18 октомври 2024 (МИА) - Во рамки на партнерството меѓу УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци и Црвениот крст на град Скопје, во рамките на ДХО „Даре Џамбаз“ денеска е пуштен во употреба Гејминг центар за млади – ангажирачка едукативна средина која нуди можност за користење на слободното време на младите бегалци, баратели на азил и млади од локалното население кои припаѓаат на ранливите категории лица, информираат од Црвениот крст. 

Овој центар, велат оттаму,  треба да им понуди можност на младите за развој на дигитални вештини, но тој има за цел исто така да ја поттикне нивната креативност, тимската работа, стратешкото размислување преку медиумот на игри, а и да ја олесни интеграцијата и да го подобри менталното здравје на ранливите категории млади луѓе во македонското општество, вклучувајќи ги бегалците и барателите на азил.

Центарот е опремен со 10 гејмерски компјутери со соодветен софтвер, игри и периферни уреди и во рамки на активностите ќе се реализира програма за дигитално слободно време спроведена од страна двајца едукатори за дигитални содржини. Преку структуриран пристап, овозможено ќе биде присилно раселените лица и младите од локалните средини да поминуваат време заедно, да учествуваат во дигитални слободни активности и да се стекнат со дигитални вештини и знаења.

-Среќен сум што го отвораме Центарот и силно верувам во трансформативната моќ што ја има вклучувањето, поминувањето структурирано време заедно, учењето нови вештини, но исто така и играта, споделувањето хоби и слободно време со врсниците. Сето тоа е клучно за добросостојбата и успешната интеграција на младите присилно раселени луѓе во општеството. Едвај чекам да ги видам насмевките на младите кои ќе го посетуваат Центарот, рекол на отворањето претставникот на УНХЦР, Габриел Гуалано де Годој.

Секретарот на Црвениот крст на град Скопје, Сузана Тунева Пауновска истакнала дека во средиштето на волонтерството е ангажманот на заедницата при интеграцијата на сите луѓе во општеството, вклучувајќи ги и присилно раселените лица кои немале избор освен да избегаат од својот дом.

-Црвениот крст постојано работи на подигнување на свеста за потребата од ангажирање за интеграција, за подобрена комуникација помеѓу врсниците, за учење и прифаќање на културните разлики, за споделување и учење вештини едни од други и за промовирање на принципите на вклучување и еднаквост, нагласила таа. 

Проектот е поддржан од Службата за иновации при УНХЦР преку Фондот за дигитални иновации, врз основа на минати истражувања на полето дигитално слободно време, физибилити студијата за хуманитарен ангажман со видео игри и консултации со присилно раселените луѓе. сст/дма/

фото Црвен крст

 

 

 

 

Остани поврзан