• четврток, 26 декември 2024

МВР билтен ДПЛ

МВР билтен ДПЛ

Скопје, 23 ноември 2024 (МИА) - Полициски службеници од СВР Тетово вчера во 16.45 часот го лишиле од слобода Љ.П.(51) од село Непроштено, кај кого, врз основа на  судска наредба од Основниот суд Тетово, во времето од 12 до 16.45 часот, полициски службеници извршиле претреси во неговиот дом и помошните простории, како и во уште една куќа во селото која е во негова сопственост. При претресите пронајдени се ловна пушка (карабин), 14  парчиња муниција за карабин, дробилка, два оптички нишани, поголема количина на куршуми, чаури и проектили од куршуми од разни калибри, една кеса со барут, една шок бомба, една воздушка пушка „гамо“ со вградена оптика, пиштол „глок“ калибар 9 мм, две рамки со по 10 куршуми и други предмети. По документирање на случајот, против Љ.П. ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Полициски службеници од Граничен надзор и граничен премин Богородица вчера околу 23 часот на влез во село Стојаково, затекнале група од 11 лица-мигранти од кои 10 лица од Сирија и едно од Египет. Од слобода биле лишени А.А.(20) од Авганистан и А.К. од Пакистан, кои биле водичи и ги пренеле мигрантите од грчка на македонска територија. Известен е јавен обвинител и по документирање на случајот, ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. 

Полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога при СВР Велес вчера во 10.50 часот ги лишиле од слобода З.Ш.(46) и А.Ш.(44), двајцата од Велес. При претрес во домот на А.Ш. во Велес, каде престојувал и З.Ш., извршен со наредба од Основен суд Велес, биле пронајдени и одземени 17 пакувања со зелена растителна материја, 42 семки и пари. З.Ш. и А.Ш. биле задржани во полициска станица, известен е јавен обвинител и по документирање на настанот против нив ќе биде поднесена кривична пријава за кривично дело  "Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори", казниво по чл. 215 од КЗ.

Полициски службеници од ОВР Кавадарци завчера во 19.10 часот го лишиле од слобода Х.К.(21) од Кавадарци, затоа што при преглед во патничкото возило „бмв“ кое го управувал, била пронајдена и одземена зелена растителна материја. Х.К.   бил приведен во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Полициски службеници од Одделението за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија- Куманово и Мобилната единица за компензаторни мерки вчера околу 20 часот на магистралниот пат Куманово-Крива Паланка го лишиле од слобода Ф.Ш.(26) од Косово, затоа што при извршен преглед на патничко возило „голф 7“ со косовски национални ознаки, кое тој го управувал, биле пронајдени седум лица-мигранти, од кои три од Индија, две од Пакистан и по едно од Непал и Бангладеш. Известен бил јавен обвинител, мигрантите биле пренесени во Транзитниот центар-Табановце и Прифатниот центар за странци-Скопје и по целосно документирање на случајот, против Ф.Ш. ќе следува соодветен поднесок.

Полициски службеници од СВР Струмица вчера во 08.35 часот во Струмица го лишиле од слобода С.Н.(65) од село Добрејци, струмичко, кај кого при преглед била пронајдена марихуана и семки од растение. Врз основа на наредба на судија од Основен суд Струмица, бил извршен претрес во домот во кој престојува лицето, во село Три Води, струмичко, при што биле пронајдени пет пакувања со марихуана. Тој бил задржан во Полициската станица Струмица, а за настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. По целосно расчистување на случајот, против С.Н. ќе биде поднесена соодветна пријава.

Вчера во 23.00 часот во СВР Скопје, 30-годишна жена пријавила дека на завчера околу 02.30 часот во семејниот дом на подрачјето на Гази Баба, била физички нападната од нејзиниот сопруг Д.С.(41). Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Во СВР Скопје вчера во 20.38 часот било пријавено дека во спортска обложувалница на подрачјето на Шуто Оризари, едно лице со закана со огнено оружје од вработениот одзело пари. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

М.Р.(40) од Скопје вчера во 13.30 часот во СВР Скопје пријавила дека околу 00.30 часот на подрачјето на општина Аеродром, била физички нападната од едно лице, при што и ја одзело чантата и личниот накит. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 19.20 часот во СВР Скопје, 31-годишна жена, пријавила дека околу 14.30 часот на автобуската постојка во скопско село била физички нападната од нејзиниот сопруг Ф.З.(33), со кој одреден период биле разделени, а при нападот и го скршил и мобилниот телефон. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Н.К.(72) од село Батинци, скопско, вчера во 17.00 часот во СВР Скопје пријавил дека околу 12.00 часот на пазар на подрачјето на Гази Баба, по претходно недоразбирање, бил физички нападнат од А.С.(32) од Косово, со престој во село Трубарево, скопско, кој употребил и тврд предмет. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Во СВР Скопје, вчера во 04.50 часот, 42-годишна жена, пријавила дека на завчера околу 15.00 часот во семејниот дом во скопско село, била физички нападната од нејзиниот сопруг Г.Т.(47). Со него бил извршен службен разговор во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Во СВР Скопје  вчера во 10.00 часот било пријавено дека на место викано „Порупа“ во село Драчево, скопско бил пронајден починат Љ.Ц.(69) од Скопје. Лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт, без видливи траги на насилство. Извршен бил увид, а наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено за обдукција.вј/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан