• среда, 20 ноември 2024

Ципрас: Потребни се дополнителни дејствија од Косово за приемот во Советот на Европа да придонесе за мир

Ципрас: Потребни се дополнителни дејствија од Косово за приемот во Советот на Европа да придонесе за мир

Атина, 28 март 2024 (МИА) – Потребата Косово да преземе дополнителни дејствија за неговото членство во Советот на Европа да придонесе за мир, но и потребата за дополнителна дискусија со земјите кои не го признаваат околу статусот под кој би бил приемот, ги истакнал поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, кој воедно е и претседател на поткомитетот за Западен Балкан на Советот на Европа за време на расправата во Париз на Политичкиот комитет на Парламентарното собрание на СЕ, јави дописничката на МИА од Атина. 

На расправата и гласањето на извештајот на грчката пратеничка Дора Бакојани за приемот на Косово во Советот на Европа, Ципрас ги поздравил извештајот, перспективата за членство на Косово и фактот што земјата ја призна правната сопственост на манастирот Високи Дечани.

Сепак, истакнал дека тоа не е доволно како единствен услов и дека се потребни дополнителни активности од Приштина особено во однос на формирањето на Заедницата на српските општини и законот за експропријација на малцинските имоти за интеграција на Косово во организацијата.

Паралелно потенцирал дека тензијата е многу зголемена во регионот со заемна одговорност на страните и потребни се повеќе авансни гаранции за приемот на Косово во Советот на Европа вистински да се придонесе за мирот на Балканот.

Додал дека е потребна дополнителна дискусија со земјите кои не го признаваат Косово за статусот под кој ќе се приклучи на организацијата.

Извештајот за Косово вчера беше усвоен од Комисијата за политички прашања, а следен чекор е пленарна расправа, која ќе се одржи на 18 април.

Како што вчера јави дописникот на МИА од Белград, вицепремиерот и министер за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ изјави дека за одлуката на Политичкиот комитет на Парламентарното собрание на Советот на Европа за препораката за прием на Косово во членство во Советот на Европа е срамна и скандалозна. ср/

Остани поврзан