• недела, 22 декември 2024

Церемонијата на палење олимписки оган – последен настан за Павлопулос како претседател на Грција

Церемонијата на палење олимписки оган – последен настан за Павлопулос како претседател на Грција
Атина, 12 март 2020 (МИА) - Церемониите на палење и на предавање на олимпискиот оган, ќе се одржат во присуство на претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос но овој пат, на двата настана ќе присуствува различен шеф на државата. Олимпискиот оган беше запален денеска напладне, а следниот четврток ќе им биде предаден на организаторите на ЛОИ во Токио, утре, пак, новата грчка претседателка ќе положи свечена заклетва. Па така, на денешната церемонија во функција претседател на Грција присуствуваше Павлопулос, а на церемонијата во Атина в четврток, во истата функција ќе биде Екатерини Сакеларопулу. На Павлопулос, денеска му беше врачен и златен Олимпискиот орден од МОК за неговите придонеси во олимпиското движење, олимписките идеали и олимпиското наследство, непосредно пред церемонијата на палење на олимпискиот оган во античка Олимпија. Ова, воедно беше и последното појавување на Прокопис Павлопулос во функција на претседател. Екатерина Сакеларопулу утре во 11 часот по локално време во грчкиот Парламент ќе положи свечена заклетва, а веднаш потоа во претседателската палата и официјално ќе ја преземе функцијата. Мерките и превенцијата од коронавирусот донесе промени во манифестациите. Па така, новоизбраната претседателка на Грција го одложи приемот за честитки закажан за 14 март, односно ден по преземањето на функцијата. На свечената заклетва во Парламентот, наместо 1.000, колку што беше првично планирано, ќе бидат поканети само 100 лица. ср/гт/

Остани поврзан