• четврток, 26 декември 2024

Центарот за култура од Делчево реализираше Ликовна работилница со лицата со посебни потреби

Центарот за култура од Делчево реализираше Ликовна работилница со лицата со посебни потреби

Делчево, 3 декември 2024 (МИА) - По повод Светскиот ден на лицата со посебни потреби, денеска Националната установа Центар за култура ,,Никола Јонков Вапцаров" од Делчево ја реализираше традиционалната Ликовна работилница. 

На работилницата која се реализира во соработка со Ликовното Атеље ,,Белогаски" учество зедоа деца од Дневниот центар за лица со посебни потреби, кои заедно со ученици од делчевските деветолетки и гимназијата заеднички изработија ликовни творби.

-И оваа година го одбележуваме денот со оваа работилница од проектот. Заедно со девата со посебни потреби членови на атељето цртаат заедно. Има голема дружба, а на крај цртежите ќе бидат подарени на Дневниот центар, истакна Александар Белогаски, вработен во Центарот за култура.

Директорот на установа Љупчо Петровски додаде дека станува збор за традииционален настан кој опфаќа соработка на повеќе институции 

-Овде се придружува и Јавната локална библиотека Илинден, тука се и основните училишта, гимназијата. Им го честитам овој ден на Лицата со посебни потреби, ова е една убава работа која треба да продолжи како активност на самиот центар, активност која има за цел да овие деца ги вклучиме во социјалниот живот и со ова да направат и тие свои дела кои остануваат во нивна сопственост, рече Петровски.

Директорката на Јавната локална библиотека „Илинден“, Биљана Петровска изрази благодарност до стручниот соработник за ликовна дејност Александар Белогаски за поканата библиотеката да се вклучи кон неговиот проект.

-И овој 3 декември, испраќаме силна порака дека сите ние, лично и институционално, треба да се бориме против стереотипите дека попреченоста е бариера за поединецот да поставува лични цели, да се стреми кон нивно остварување и да дава придонес кон развојот на државата, рече Петровска.

Меѓународниот ден на лицата со попреченост како што подвлече таа е можност повторно да се реафирмираат заложбите да се изгради одржлива, инклузивна и праведна иднина за сите.

Проектот ,,Ликовна работилница со лицата со посебни потреби" е финансиран од Министерството за култура. вс/

Фото: МИА
 

Остани поврзан