• петок, 22 ноември 2024

Хрватска општина преку проекти се грижи за своите млади двојки, но и за повозрасните лица

Хрватска општина преку проекти се грижи за своите млади двојки, но и за повозрасните лица

Загреб, 12 февруари 2024 (МИА) - Општина Леград во северна Хрватска, којашто годинава стана позната по својот проект за продажба на куќи на млади брачни двојки за 0,13 евра, веќе извесно време планира изградба на цела населба за повозрасни лица каде што жителите би ја имале сета потребна грижа, т.е. геронтолошки негуватели и медицински персонал.

Во многу семејства тука има луѓе кои не можат да се згрижат преку ден, бидејќи другите во тoa домаќинство се на работа. Оттука, Општината првично сакала старите и изнемоштени лица тој дел од денот да го минат во леградската „Дневна соба“. Замислата пропаднала. Градоначалникот на Леград, Иван Саболиќ за Хина потврди дека сега се планира етапна изградба на населба наменета само за постари и изнемоштени лица, замислена сосем поинаку од сегашните такви установи.

Во таа смисла, Општината би купила неколку хектари земја заради поширока населба со еднокатни куќи. Процесот би се одвивал етапно, односно според бројот на барања за сместување, а дел од населбата би се резервирал за дневен престој.

- Замислата е населбата да не биде резервирана исклучиво за жителите на Општина Леград, туку на крајот да биде отворена и за корисници од другите жупании. Поради демографската слика на Хрватска, ваквите проекти се одамна задоцнети во целата земја... И, нема причина зошто Леград да не биде првиот град што ќе преслика проекти вообичаени во развиените земји, изјави Саболиќ.

Истовремено, тој „ги предизвикува“ и другите општини и градови во земјата да се вклучат во згрижувањето на повозрасното население, со што Хрватска би добила сосем поинаков облик - социјална држава што се грижи за своите постари граѓани.  си/паг/

Фото: Википедија

Остани поврзан