• недела, 29 септември 2024

Хоџај: Средбата Курти - Вучиќ е само спектакл на Борел, нема да има никаков резултат

Хоџај: Средбата Курти - Вучиќ е само спектакл на Борел, нема да има никаков резултат

Приштина, 26 јуни 2024 (МИА) – Поранешниот министер за надворешни работи на Косово, Енвер Хоџај изјави дека не очекува никаков резултат од денешната средба меѓу косовскиот премиер, Албин Курти и српскиот претседател, Александар Вучиќ, со посредство на високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика на Европската Унија, Жозеп Борел, јави дописникот на МИА од Приштина.

Актуелниот потпретседател на Собранието на Косово од редовите на опозициската Демократска партија на Косово, во изјава за порталот „Фронт онлајн“ денешната средба во Брисел ја нарече „спектакл“ на Борел.

- Немам очекувања дека оваа средба ќе донесе некаква нова динамика меѓу Косово и Србија, ниту нормализација на меѓудржавните односи. Тоа е само спектакл на Жозеп Борел, кој ја има својата последна средба како висок претставник на ЕУ и ова е конечната цел на средбата и ништо повеќе, изјави Хоџај.

Тој се повика и на извори од Брисел, кои ја даваат истата квалификација за средбата Курти - Вучиќ со посредство на Борел.

- Тврдам врз основа на информациите што ги имам од Брисел дека целта на денешната средба е единствено спектакл од Борел, изјави Хоџај.

Курти и Вучиќ попладнево ќе се сретнат во Брисел, на прв состанок на највисоко ниво по 14 септември минатата година. Пред трилатералната средба со Борел, најавени се одделни средби на шефот на дипломатијата на ЕУ со косовскиот и српскиот лидер. иа/ми/

Остани поврзан