• среда, 26 јуни 2024

Ховениер: Дијалогот меѓу Косово и Србија мора да заврши со меѓусебно признавање

Ховениер: Дијалогот меѓу Косово и Србија мора да заврши со меѓусебно признавање

 

Приштина, 11 јуни 2024 (МИА) - Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Џефри Ховениер изјави дека дијалогот меѓу Косово и Србија треба да заврши со взаемно признавање, а не со „нешто помалку од тоа“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Ховениер на панел-дискусијата на самитот „Западен Балкан 2024“, што се одржува во Приштина, рече дека е потребен колективен ангажман за политички предизвици, како што е дијалогот.

„Завршувањето на овој процес мора да биде взаемно признавање меѓу двете земји, бидејќи ништо помалку од ова не ја исполнува визијата што ја имаме за целосна, слободна, просперитетна и мирна Европа, особено ако се земе предвид можната нестабилност што може да уследи“, рече Ховениер.

Американскиот дипломат ја истакна важноста од спроведувањето на договорите од дијалогот меѓу Приштина и Белград.
„Постојат голем број американски функционери, вклучително и јас, кои трошат многу време на целосно спроведување на обврските што Косово и Србија ги добија во процесот олеснет од ЕУ“, рече Ховениер.
Тој го повтори ставот дека САД не се согласуваат со изјавата усвоена на 8 јуни од Србија и Република Српска, каде што Косово се третира како „неотуѓив дел од Србија“.
„Ова не е став на мојата земја или на нашите партнери. Го признавме Косово како независна, суверена, демократска земја и ова не е за дискусија ниту пак ќе се преговара, мора да се прифати, мора да се почитува“, рече американскиот амбасадор.иа/

Остани поврзан