• петок, 22 ноември 2024

Хелсиншки комитет: Клучни наоди за напредокот во заштитата и унапредувањето на човековите права

Хелсиншки комитет: Клучни наоди за напредокот во заштитата и унапредувањето на човековите права

Скопје, 11 јуни 2024

Хелсиншкиот комитет за човекови права ги објави клучните наоди од областите во кои дејствува: правосудство, следење и застапување во затворите и психијатриските установи, говор на омраза, криминал од омраза, родова еднаквост, проблеми и права на ЛГБТИ заедницата, заштита од дискриминација, како и овозможивање на бесплатна правна помош.

Врз основа на наодите коишто произлегуваат од работaта на Хелсиншкиот комитет во 2023 година, може да се констатира дека не е направен значаен напредок во законскиот и во институционалниот систем за заштитата и унапредувањето на човековите права.

Хелсиншкиот комитет како член на Блупринт групата за реформи во правосудството се повлече од понатамошно учество во изработката на новиот Кривичен законик, по неговите измени во септември 2023 година, учеството на граѓанските организации стана беспредметно во постапка која суштински го
озаконува незаконитото.

Намалувањето на казните на трите клучни дела за борба против висок криминал и корупција го озакони хроничното неказнување на високи функционери и вршители на јавни функции.

Хелсиншкиот комитет достави иницијатива до Уставниот суд на РСМ за оценување на уставноста на членови од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење и Законот за работните односи (ЗРО), поврзани со реализацијата на Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д. Со користење на поимот национален стратешки интерес како основ за утврдување на паралелни правила се овозможува постоење на напоредни законски решенија за работните односи.

Резултат на тоа е правна несигурност и нееднаквост на граѓаните пред Уставот и законите. На почетокот на 2024 година, Судијата на Уставниот суд, Осман Кадриу, во своето издвоено мислење тврди дека регулативата за градбите од стратешки интерес е во спротивност со Уставот и со неа се повредува владеењето на правото.

По поднесена тужба actio popularis (тужба од јавен интерес) од Хелсиншкиот комитет, во 2023 година македонските судови утврдија дека Владата на РСМ и Државната изборна комисија (ДИК) сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас.

Една од најголемите закани за заштитата на човековите права и борбата против дискриминацијата е недовербата на граѓаните во институциите. Државата не се одважи да го реши проблемот со системската дискриминација кон земјоделките/ците во остварувањето на правото на платено отсуство поради бременост, раѓање, мајчинство и боледување.

Измените во Кривичниот законик со кои беа воведени новите кривични дела како полово вознемирување и демнење беа значаен придонес на државата кон усогласувањето со Истанбулската конвенција. Од друга страна, и покрај напорите на државата за натамошно унапредување на родовата еднкавост и подготовката на предлог-законот за родова еднаквост, поради силниот притисок на антиродовите движења - Законот не беше донесен.

Институционалните одговориво случаите на родово базирано насилство остануваат неконзистентни, непрофесионални и контрадикторни, особено од центрите за социјална работа и Министерството за внатрешни работи. Институциите не го препознаат фемицидот како родово засновано насилство, за што сведочат случаите на фемицид во Кочани и Куманово, каде жртвите на насилство повеќе пати пријавувале а не добиле соодветна заштита. Продолжува загрижувачкиот тренд на ескалација на антиродовите и анти-ЛГБТИ движења особено насочени кон трансродовата заедница.

Направени се недоволно напори за воведување превентивни мерки за заштита, нема едукација за човековите права и подигнување на јавната свест, особено кај средношколците и младите, имајќи предвид дека најголемиот дел од жртвите и значен број сторители се малолетници или млади полнолетни лица. Говорот на омраза кон сексуалните и родовите малцинства, се искачи на 298 случаи или 19 % од вкупниот број регистрирани случаи. Омразата изразена во коментарите на социјалните мрежи насочени кон ЛГБТИ заедницата е резултат на предрасудите, лажните вести и антиродовите движења и анти-ЛГБТИ движењата.

Хелсиншкиот комитет спроведе вкупно 10 посети во казнено поправните установи во КПД Идризово, КПД Штип, КПД Прилеп и Затвор Куманово. Осудените лица немаат соодветен пристап до здравствена заштита, лоши се материјалните услови за живеење, а програмите за ресоцијализација, условите за нивно имплементирање и постпеналната помош сè уште се недоволни и неприменливи. Здравствената заштита во КПД Идризово се спроведува преку 1 докторка и 2 медицински сестри, кои ја посетуваат установата од над 1.000 осуденици, на само неколку часа во текот на денот.

За корупцијата во затворите, осудените лица редовно нè информираат, но поради страв да не ги загубат своите права и погодности, формално не сакаат да ги пријават овие случаи. Во 2023 година обезбедена е бесплатна правна помош на 90 осудени лица и други лица во врска со прекумерна употреба на сила од страна на полициски службеници.

Најчестите основи за кои осудените лица побараа правно советување се во врска со здравствената заштита, материјалните услови, видување со деца и вонбрачен партнер, храната и квалитетот на водата, правото на условен отпуст, преместување во друга казнено-поправна установа и остварување на правото на посета.

Од посетите на ЈЗУ Психијатриска болница „Скопје“, ЈЗУ Психијатриска болница Негорци, ЈЗУ Психијатриска болница Демир Хисар и Специјалниот завод Демир Капија се увиде дека најголемиот проблем се пациентите кои немаат потреба за хоспитален третман, односно можат да живеат со поддршка, но поради недоволниот интерес за грижа од семејствата и отсуство на продолжена грижа и поддршка во заедницата од страна на иституциите, оставени се во болниците.

Хелсиншкиот комитет во изминатата година регистрираше 1171 случаи на говор на омраза; 646 од нив беа сторени врз основа на етничка припадност, 248 поради сексуална ориентација и родов идентитет, 275 случаи врз основа на национална припадност, 149 поради политичко уверување и 80 случаи врз основа на род и пол. 8 случаи беа пријавени до ОЈО Скопје и до ОЈО Гостивар и 3 случаи на вознемирувачки говор се пријавени до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Хелсиншкиот комитет регистрираше 197 потенцијални инциденти на злосторства од омраза од кои 35 се инциденти со јасни пристрасни индикатори. Инциденти што се случуваат врз основа на етничка припадност сѐ уште се најзастапени со 90,86% од вкупниот број регистрирани инциденти. Младите лица сѐ уште се најчесто вклучени во пристрано мотивирани инциденти, и како сторители и како жртви. Значајно влијание во зголемувањето на довербата кај ЛГБТИ заедницата се и двете позитивни судски пресуди со кои на сторители на дело од омраза врз основа на сексуална ориентација, им беше одредена казна затвор.

Во 2023 година, Хелсиншкиот комитет обезбеди правна помош за 307 граѓани во областа на работните односи, социјалната и здравствена заштита, заштитата на деца, семејното и родово базирано насилство, пензиското и инвалидско осигурување, имотното правните односи, кривично правните и други области.

Преку обучени набљудувачи, Комитетот следеше 76 рочишта во 25 судски постапки од областа на заштита од дискриминација, заштита од семејно насилство, заштита на деца и останати семејни и работни односи.

Хелсиншки комитет за човекови права 

_________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

фото МИА архива

Остани поврзан