• сабота, 16 ноември 2024

Франција предупредува да не се носат предвремени заклучоци за политиките на Трамп кон Украина

Франција предупредува да не се носат предвремени заклучоци за политиките на Трамп кон Украина

Париз, 11 ноември 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи на Франција Жан-Ноел Баро денеска предупреди против носење предвремени заклучоци за идните политики на САД под раководството на Доналд Трамп во врска со војната во Украина, јави ДПА.

Предупредувањето на Баро доаѓа среде некои очекувања дека новата администрација на Трамп би можела да се обиде да склучи мировен договор на штета на украинските интереси.

- Во врска со шпекулациите за можните позиции или иницијативи на новата американска администрација, сметам дека не треба ништо да се прејудицира, изјави Баро на Форумот за мир во Париз, годишен настан за меѓународен дијалог.

- Треба да одвоиме време за да соработуваме со администрацијата, додаде тој, нагласувајќи дека Франција е подготвена да го направи тоа „со амбиција, бидејќи веруваме дека е потребно да ѝ дадеме на Украина средства за да го одбие“ рускиот напад.

Баро додаде дека меѓународната заедница „има премногу да изгуби ако Русија се извлече со пристапот 'моќта е право'".

Вашингтон Пост вчера објави дека Трамп во четвртокот телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин, советувајќи го да не ја влошува ситуацијата. Кремљ денеска ја демантираше веста, нарекувајќи ја „целосно лажна информација“.

Во секои идни мировни преговори, „ништо не може да се постигне во врска со Украина без самите Украинци“, нагласи тој. ссм/

фото: архива



Остани поврзан