• недела, 22 декември 2024

Франција и Мароко постигнаа договори со вредност над 10 милијарди евра, вклучувајќи и за брзи возови

Франција и Мароко постигнаа договори со вредност над 10 милијарди евра, вклучувајќи и за брзи возови

Рабат, 29 октомври 2024 (МИА) - Франција и Мароко договорија купување на брзи возови од француската компанија „Алстом“ – еден од неколкуте бизнис-договори склучени за време на државната посета на претседателот Емануел Макрон во кралството, што според локалните медиуми претставува нов почеток во односите меѓу двете земји по долгогодишните дипломатски тензии.

Изминативе три години Париз и Рабат имаа тензични односи, најмногу во врска со прашањата за миграцијата и спорната територија Западна Сахара, која Мароко бара да се признае како негова.

Со поддршката на Рабат за Западна Сахара во јули, Макрон овозможи помирување на двете земји. Делегацијата на францускиот претседател во Мароко вклучуваше десетина министри и околу 40 директори на француски компании.

Вчера кралот Мохамед VI лично го пречека Макрон и неговата сопруга на аеродромот во Рабат пред церемонијата на потпишување договори во кралскиот дворец.

Франција договори спогодба помеѓу мароканската железница (ONCF) и „Алстом“ за набавка на брзи возови со 12 вагони, како и опција за купување на уште шест вагони. Мароко има за цел до 2030 година да ја прошири железницата на југ до Маракеш.

Француските енергетски компании „Енжи“ (Engie) и „Е Де Еф“ (EDF) склучија договори со марокански партнери за проширување на активности во секторот на обновливи извори на енергија, додека „Тотал Енержи“ (TotalEnergies) потпиша договор во секторот за водород. Бродската компанија „Се Ем А – Се Же Ем“ (CMA-CGM) објави инвестиции во мароканскиот пристанишен терминал.

Француски претставници соопштија дека вредноста на склучените договори надминува 10 милијарди евра, но не објавија точна распределба на средствата.

Париз исто така се надева дека оваа посета ќе го намали притисокот околу прашањето за миграцијата, што е актуелна тема во Франција, каде што новата влада е под притисок од десничарските партии да враќа повеќе мигранти во земји како Мароко. Во 2021 година, Франција драстично го намали бројот на визи за лица од Северна Африка, во обид да ги натера овие земји да ги прифаќаат назад мигрантите. Оваа политика длабоко го погоди Мароко, а Франција на крај ги укина ограничувањата за визи во 2022 година. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан