• петок, 28 јуни 2024

Франција до крајот на годината ќе затвори уште седум џамии и муслимански здруженија

Франција до крајот на годината ќе затвори уште седум џамии и муслимански здруженија
Париз, 27 октомври 2021 (МИА) - Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин изјави дека во земјата до крајот на годината ќе бидат затворени уште седум џамии и здруженија за кои има сомнеж дека промовираат радикален ислам. Тој ја поздрави одлуката за затворање на џамијата во градот Алон на шест месеци под обвинение дека го брани радикалниот ислам. Драманин наведе дека од септември 2020 година затворени се 92 од 2.500 џамии во Франција и на 36.000 им се поништени визите за престој поради загрозување на јавниот ред. Уставниот совет на Франција во август годинава го одобри контроверзниот закон за „антисепаратизам“, кој беше критикуван поради маргинализација на муслиманите. Законот во јули беше усвоен од Народното собрание и покрај отпорот на десничарските и левичарските пратеници. Владата тврди дека Законот има за цел да го зајакне секуларниот систем на Франција, но според критичарите ја ограничува верската слобода и ги маргинализира муслиманите. Муслиманската заедница во Франција е најголема во Европа и брои 3,35 милиони луѓе. Законот им дозволува на службениците да интервенираат во џамиите и здруженијата, да ги контролираат финансиите на муслиманските здруженија и невладини организации. Според законот, на пациентите им е забрането да избираат лекар врз основа на пол од верски или други причини, а секуларното образование стана задолжително за сите државни службеници. Франција беше критикувана од меѓународни и невладини организации, особено од Обединетите нации, за маргинализирање на муслиманите. ми/

Остани поврзан