• вторник, 17 декември 2024

Фиала соопшти дека го поддржува договорот за распределба на водечките функции во ЕУ

Фиала соопшти дека го поддржува договорот за распределба на водечките функции во ЕУ

Брисел, 27 јуни 2024 (МИА) - Чешкиот премиер Петр Фиала во објава на Икс соопшти дека го поддржува договорот за имињата на носителите на врвните раководни позиции во ЕУ што го постигнаа трите партиски групации од т.н. „проевропско“ мнозинство во Европарламентот. 

- За Чешка е клучно при распределбата да се почитува не само политичката, туку и географската рамнотежа. Имињата кои досега беа предложени ги исполнуваат овие критериуми. Понатаму, сите ги познавам лично, имаат позитивен однос кон Чешка и имам многу добро искуство во работата со нив, наведе Фиала. 

Според договорот постигнат меѓу Европската народна партија, социјалдемократите и либералната група „Да ја обновите Европа“, поранешниот португалски премиер Антонио Кошта е предложен за претседател на Европскиот совет, актуелната претседателка на Европската комисија, Германката Урсула фон дер Лајен за реизбор на функцијата, а естонската премиерка Каја Калас е номинирана за висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.   

Постоеше стравување дека Фиала нема да го поддржи договорот од причина што неговата Граѓанска демократска партија (ОДС) е дел од групата Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) предводена од партијата Браќа на Италија (ФДИ) на италијанската премиерка Џорџа Мелони, која изрази несогласување со договорената распределба на функциите.  

Инаку, пред почетокот на расправата околу кандидатите за носители на водечките раководни позиции во Унијата, Фон дер Лајен и Калас го напуштиле заседанието на Европскиот совет, согласно традицијата дека лицата за кои се дебатира не учествуваат во дискусијата. 

Според дипломатски извори, пред почетокот на дебатата за ова прашање од записничарите било побарано да ја напушта салата во која се одржува заседанието со образложение дека лидерите би можеле полесно да постигнат договор во услови на „поголема приватност“. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан