• понеделник, 23 декември 2024

Форбс: Има надеж за сите - Ова се луѓето кои станаа милијардери работејќи за други

Форбс: Има надеж за сите - Ова се луѓето кои станаа милијардери работејќи за други

14 февруари 2024 

Форбс


Мнозинството милијардери во Америка спаѓаат во две групи: оние кои основале свои компании или се наследници чие богатство е резултат на чиста среќа. Но, постои и мала група поединци кои се вработени на позиции во туѓи компании и благодарение на тие работни места станале едни од најбогатите луѓе во светот.  

Ако замислите како изгледа еден типичен милијардер, веројатно мислите на некој како Марк Цукерберг или Џеф Безос - кои изградиле свои империи - или наследници како Жаклин Марс, внука на основачот на Марс или Томас Прикер, чии предци го основале Синџирот хотели „Хајат“ на кој тој денес е извршен директор.

Околу 69 отсто од вкупно речиси 760 американски милијардери на листата на Форбс се во таа прва категорија, додека нешто повеќе од 27 отсто го наследиле своето големо богатство. Вкупно, речиси 97 отсто од американските милијардери припаѓаат на овие две групи.

Постои и трета, најретка категорија: оние кои не се ниту основачи, ниту наследници. Да ги наречеме работници милијардери или корпоративни милијардери. Форбс пронашол само 26 луѓе кои добиле работа во некои компании, понекогаш на помлади позиции, понекогаш како извршни директори, кои станале милијардери.

Тие ултра богати вработени работат - или работеле - во само 20 компании, од кои речиси сите се технолошки или инвестициски фирми. Меѓу најпознатите се извршниот директор на „Ејпл“, Тим Кук, извршниот директор на Џеј Пи Морган, Чејс, Џејми Димон и Џонатан Греј, кој се вработи во Блекстоун во 1992 година по дипломирањето на колеџот, а во 2018 година беше именуван за претседател на компанијата.

Најбогатиот човек кој станал милијардер кој не е основач на компанија е Стив Балмер, колеџ пријател на Бил Гејтс. Тој се приклучи на Мајкрософт во 1980 година како 40-ти вработен и ја водеше компанијата како извршен директор помеѓу 2000 и 2014 година.

Најновиот член на оваа елитна групација е извршната директорка на компанијата за чипови АМД, Лиза Су, која неодамна стана милијардерка откако цената на акциите на АМД се зголеми. Су е една од петте жени на оваа листа.

Меѓу останатите се Џејшри Улал од компанијата Ариста Нетворкс, главниот оперативен директор на Мета, Шерил Сандберг и Мег Витман, поранешен извршен директор на Ибеј, која ја доведе компанијата од 5,7 милиони долари приход во 1998 година на 5 милијарди долари приход во 2008 година и во тој период, поточно во 2003 година стана милијардерка. паг/

 

 

Остани поврзан