• петок, 05 декември 2025

Филипче: Муцунски најдоцна до утре да каже дали се разговара со Велика Британија за мигранти во нашата земја

Филипче: Муцунски најдоцна до утре да каже дали се разговара со Велика Британија за мигранти во нашата земја

Скопје, 11 октомври 2025 (МИА) - Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска го пвика министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски најдоцна до утре да ја информира јавноста дали се разговара со Велика Британија за лоцирање на мигранти во нашата земја. Филипче ова го кажа коментирајќи го објавениот текст во „Политико“ дека Британија е сè поблиску до договор за отворање центар за враќање мигранти во една земја од Западен Балкан.

- Министерот Тимчо Муцунски треба да каже дали разговара за тоа мигранти да се носат во нашата земја. Треба да каже има ли тоа некаква врска со тој пакет со заемот од седум милијарди евра? Има ли некаква врска? Условена ли е Владата за тие пари, да го направи тоа?, рече Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање истакна дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ свесно го кочи реформскиот процес во судството со цел политички да влијае врз поставувањето на судии и обвинители. Потенцира дека наместо суштинска реформа на судството, граѓаните се сведоци на континуирани обиди за манипулации од страна на власта. Тој потсети дека реформите во правосудниот систем се јасно дефинирани во реформската агенда, подготвена од  Владата на СДСМ, а потпишана од сегашната влада на ВМРО-ДПМНЕ.

- Во таа реформска агенда има 12 закони кои што се однесуваат на многу аспекти на судството. Тие закони, реформски закони, и значат суштинско зајакнување на нашиот правосуден систем. Во тие закони се наоѓа Закон за јавно обвинителство, Судски совет, за плати на судии, за движење на судски предмети и така натаму. И таа реформска агенда е поврзана со буџетот. Оваа година, до месец јуни, требаше да се донесат седум од тие закони, дополнително до крајот на 2025 година уште пет. До сега во Собранието на тие 12 закони не е поднесен ниту еден. Тоа не го прави оваа власт“, потенцира Филипче.

Ги отфрли обвинувањата што доаѓаат од власта како „спинови“ со цел да се одврати вниманието од вистинскиот проблем, избегнување на реформи во судството.

- Сите спинови, сите обвинувања за некаква блискост со судии итн се само изговор да не се направи вистинска реформа во судството. Ако не се направат тие реформи во судството, кои што како стратегија се донесени со Европската унија, тоа остава простор, а видовме дека ВМРО-ДПМНЕ тоа го практикува, да се интервенира во судството, да се поставуваат свои судии, свои обвинители. Видовме во изминатите години, се постави сопруга на еден градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, роднина на еден нивен коалициски партнер. Јасно е што треба да се направи за да се реформира судскиот систем, изјави Филипче. фф/бак/

Фото: СДСМ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан