• сабота, 13 април 2024

Филипинскиот министер за надворешни работи ја повика Кина „да престане да малтретира“

Филипинскиот министер за надворешни работи ја повика Кина „да престане да малтретира“

Манила, 4 март 2024 (МИА) - Филипини ја повикува Кина да престане да не вознемирува и сака мирно да ги реши поморските спорови меѓу Манила и Пекинг, изјави филипинскиот министер за надворешни работи Енрике Манало.

„Ако престанете да не вознемирувате и можеби преземете други дејствија, нема да има информации што ќе ги објавуваме“, изјави Манало на маргините на самитот на 50-годишнината за односите меѓу Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија (АСЕАН) и Австралија, по серијата инциденти меѓу Манила и Пекинг во спорните води на Јужното Кинеско Море.

Филипини се надеваат дека ќе започнат преговори за договор за слободна трговија со Европската унија „многу наскоро“, додаде Манало во интервју за АФП, пренесува БТА.

Филипини, која е силно зависна од Кина за трговија, сака да ги зајакне своите партнерства со други земји, особено „да и помогне на нејзината економија да стане поодржлива“, објасни министерот.

„Се надеваме (...) да ги започнеме преговорите за слободната трговија со ЕУ многу брзо“, додаде тој.

Манила со месеци води прелиминарни преговори за договор за слободна трговија со Европската унија. Пред речиси десет години, претходниот обид за договор не успеа поради смртоносната војна против дрогата предводена од поранешниот претседател Родриго Дутерте.

„Она кон што навистина се стремиме е поголема економска отпорност“, рече министерот Манало.

Според него, „поголемата економска безбедност и поголемата економска одржливост придонесуваат за националната безбедност“.

„ЕУ и Филипините ќе настојуваат да ја зајакнат соработката во областа на основните минерали преку искористување на постоечките синџири за снабдување и истовремено зголемување на преработувачката активност на Филипините, додаде Манало. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан