• понеделник, 23 декември 2024

Фајненс тинк и Делегацијата на ЕУ на средба со градоначалници во врска со повисока транспарентност на општините

Фајненс тинк и Делегацијата на ЕУ на средба со градоначалници во врска со повисока транспарентност на општините
Скопје, 11 март 2022 (МИА) - Градоначалници од повеќе општини диксутираа за повисока транспарентност и инклузивност во креирањето локални политики, на денешната средба организирана од Фајненс Тинк и Делегацијата на Европската Унија. Воедно стана збор и за факторите кои ја одредуваат транспарентноста на општините. Извршниот директор на Фајненс Тинк, Благица Петрески, во изјава за медиуми, рече дека целта на проектот е да се подигне финансиска транспарентност на единиците за локалната самоуправа и дека за прв пат во 18 општини се прави мапирање на парафискалните давачки. -Парафискалните давачки се генерално црна кутија и има многу непознати, во смисла на кој плаќа, кога плаќа, колку чини една давачка, дали се добиваат конкретни услуги, дали има трошоци општината за таа услуга..? Сега за прв пат правиме една таква листа на давачки на локално ниво во 18 општини каде што во текот на годината ќе бидат веќе и онлајн достапни за сите даночни обврзници, изјави Петрески. Таа понатаму посочи дека фискалната транспарентност е од особено значење за единиците од локалната самоуправа, и исто така на ниво на Влада е поставена како една од реформските приоритети, но според неа, иако една од основните минимуми е да се објави завршна сметка, се уште има општини коишто тоа не го прават. -Заради тоа направивме едно кратко истражување коешто ги идентификува кои се факторите за буџетската транспарентност. Она што идентификувавме е дека општините коишто имаат помала зависност од централниот буџет, општините каде што парафискалните давачки имаат помало учество во вкупните приходи, и оние коишто имаат поголема реализација на планираните приходи имаат поголема веројатност да бидат потранспарентни во споредба со другите, нагласи директорката на Фајненс тинк. Според истото истражување, како изненадувачки резултат се покажува дека во тие единици на локална самоуправа каде што има поголема политичка конкуренција, односно во советите каде што има поголема расцепканост во советничките места, општините се помалку транспарентни. -Препораките што ги даваме во однос на единиците на локалната самоуправа е да ги исполнат пред се минимум законските обврски коишто се во однос на објавување на податоците за како се трошат народните пари, меѓутоа да водат сметка исто така да бидат тие серии што е можно подолги се со цел да може да имаме еден увид што се случувало каков е тој тренд, рече Петрески, и додаде дека другиот аспект е во следниот период да се обрне внимание на парафискалните давачки и да се зголеми објавувањето на информации поврзани со истите давачки. Раководителот на економскиот сектор во Делегацијата на Европската Унија, Фрејк Јанмат истакна дека овој проект е особено важен сега кога локалните самоуправи се соочени со повисоки трошоци, посебно со порастот на цените на струјата. Тој нагласи дека за да се зголемат приходите на општините и да се гарантира тек на финансиските средства во општините многу е важно буџетот да биде транспарентен, односно, како што појасни, да биде транспарентно што влегува во буџетот и како и на што тие пари се трошат од страна на општината. -Овој проект се осврна на нешто што се нарекува парафискални давачки, бидејќи кај општите давачки, општините можат тие пари да ги користат така како што сметаат дека е сходно, додека кај парафискалните давачки тие се наменети за конкретна цел па така може да се одлучат тие пари да бидат потрошени за противпожарна заштита или пак активности во врска со собирањето на отпад. Редовно слушаме од граѓаните и компаниите дека овие парафискални давачки мораат да ги платат, меѓутоа не добиваат информација за што точно истите ќе бидат потрошени, рече Јанмат.   ЕУ, додаде, минатата година во заедничкиот водич за политиките усвои препорака во која се наведува дека треба да се направи проценка на постоечките парафискални давачки и да се најде начин како тие да се групираат за заедно да бидат платени. - На централно ниво на крајот од овој месец ќе започне нов проект кој конкретно се фокусира на овие парафискални давачки и со кој ќе бидат опфатени околу сто парафискални давачки на централно ниво што ги наметнуваат министерствата, различните централни агенции и како истите можат да се групираат, да се стават во ист колосек, најави Јанмат. сх/мс/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан