• среда, 03 јули 2024

Усвоен ребалансот на Буџетот на Општина Македонска Каменица

Усвоен ребалансот на Буџетот на Општина Македонска Каменица
Македонска Каменица, 3 октомври 2022 (МИА) - Откако во два наврати советниците не дадоа поддршка за ревидирање и пренамена на дел од средствата предвидени во Буџетот на Општина Македонска Каменица, на денешната попладневна седница беше донесена заедничка согласност да се усвои ребалансот на Буџетот за 2022 година.
Со оваа одлука, како што истакна градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски спасени се стотина работни места, како и голем број проекти во интерес на Општината.
-Ова е одлука со која овозможивме нормален тек на започнатите проекти и заеднички тргнавме во вистински правец, рече Атанасовски во својата изјава по усвојувањето на ребалансот на Буџетот.
Со поддршка на советниците и граѓаните, како што додаде, општината во наредниот период ќе се фокусира на изработка на новиот Буџет за 2023 година.
-За да докажеме дека навистина сме транспарентна и отчетна општина веќе од утре им стоиме на располагање на советниците и на нашите сограѓани и започнуваме да го креираме Буџетот за 2023 година, во кој покрај неколку значајни капитални проекти, ќе инвестираме во подобрување на благосостојбата на жителите и во градењето на најубавата општина во Македонија, додаде Атанасовски.
Пред усвојувањето на ребалансот на Буџетот, Атанасовски одржа средба со вработени во ЈП „Камена Река", ангажирани преку Агенцијата за вработување и програмата за јавни работи, чија цел беше да се изнајдат прифатливи решенија за да не биде изгубено ниту едно работно место во услови на енергетска и економска криза во сите општински претпријатија и институции. вс/свс/

Остани поврзан