• понеделник, 23 декември 2024

Сесија зa македонската и европската легислатива во спречувањето и борбата против корупцијата

Сесија зa македонската и европската легислатива во спречувањето и борбата против корупцијата

Скопје, 3 јули 2024 (МИА) - Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија (НКЕУ-МК) денеска ќе ја одржи 14-та сесија од Работната група 3 (Поглавје 23) – „Правосудство и основни права“ на тема „Измените на Кривичниот законик од 7 септември 2023 година: македонската и европската легислатива во спречувањето и борбата против корупцијата“.

Како што соопштија од НКЕУ-МК, воведни обраќања ќе имаат проф. Милева Ѓуровска, национален координатор на НКЕУ-МК и претседателка на Европското движење во Северна Македонија и копретседавачот Мухамед Халили од Советот на амбасадори.

Во рамки на работната сесија ќе се одржи панел-дискусија на која ќе учествуваат Владо Камбовски, академик и професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Кристијан Дуку, генерален менаџер во Центарот за напредно истражување во менаџментот и применета етика од Букурешт, како и Оља Ристова, судијка од Основниот кривичен суд Скопје.

Во вториот дел на сесијата со своја експертиза ќе се претстават Емануеле Биритиери, доцент по казнено право на Катедрата по право и економија на Универзитетот во Рим – „Унителма Сапиенца“, Лидија Раичевиќ, јавна обвинителка во Основното јавно обвинителство – Скопје, како и Дарко Аврамовски, извршен директор од Коалицијата „Сите за правично судење“.

Се очекува низ дијалог да се разменат експертски ставови за одредени прашања кои беа дел од корпусот на измени и дополнувања на Кривичниот законик од 7 септември 2023 година. Базичните прашања во оваа дебата ќе се однесуваат на националната легислатива низ перспективата на легислативата на Европската унија. На сесијата ќе бидат споделени практики од држави-членки на ЕУ кои покажаа силни инцијативи во борбата против корупцијата, стои во соопштението. нд/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан