• петок, 16 август 2024

УКХСА: Гонорејата се поотпорна на лекови

УКХСА: Гонорејата се поотпорна на лекови

Лондон, 15 август 2024 (МИА) – Британските лекари предупредуваат дека гонорејата станува се поотпорна на антибиотици и во иднина би можела да стане неизлечива болест.

Во Англија минатата година дијагностицирани се над 85.000 случаи на гонореја, што е најголема бројка откако се води статистика. Според Британската агенција за здравствена безбедност (УКХСА), поголемиот број заболени биле хетеросексуалци под 30 години, а се заразиле во странство.

- Гонорејата станува се поотпорна на антибиотици и се зголемува ризикот во иднина да стане неизлечива болест. Нелекувањето на гонорејата може да доведе до сериозни здравствени проблеми. Кондомите се најдобра одбрана, изјави лекарката Хелен Фифер од УКХСА.

Гонорејата може да предизвика сериозни и трајни здравствени проблеми како кај жените така и кај мажите. Кај мажите може да предизвика епидидимитис, додека кај жените предизвикува воспалителна болест на карлицата. Нелекувањето на гонорејата и кај мажите и кај жените може да доведе до стерилитет.

Во Англија се зголемува бројот на случаи на сексуално преносливи болести. Минатата година биле дијагностицирани 401.800 новозаразени, што е зголемување за 4,7 отсто во однос на 2022 година. Речиси половина од инфекциите се кламидија. Заедно со 85.223 инфекции со гонореја, регистрирани се 9.513 случаи на сифилис, што е најголем број од 1948 година. ми/

фото: Википедија

Остани поврзан