• сабота, 17 август 2024

Норвешка ќе го затвори своето дипломатско претставништво на Западниот Брег

Норвешка ќе го затвори своето дипломатско претставништво на Западниот Брег

Oсло, 16 август 2024 (МИА) - Норвешка ќе го затвори своето претставништво на палестинските територии по одлуката на Израел да ја укине акредитацијата на норвешките дипломати кои работат таму, соопшти денеска норвешкиот министер за надворешни работи Еспен Барт Еиде.

Норвешка ја смета таа одлуката на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, донесена претходно овој месец, за „екстремна и неразумна“, рече норвешкиот министер, најавувајќи го затворањето на претставништвото во градот Ал Рам на окупираниот Западен Брег речиси 30 години по неговото отворање. 

„Целта на таа одлука се Палестинците и Палестинската управа и сите оние кои го бранат меѓународното право, решението со две држави (завршување на конфликтот меѓу двата народа според моделот на две држави) и палестинското легитимно право на самоопределување“, изјави Барт Еиде.

Тој исто така рече дека Норвешка ќе направи се што може тоа да не влијае на работата на земјата за Палестинците и за одржлива палестинска држава.

Во мај, Норвешка, заедно со Шпанија и Ирска, објавија дека ќе ја признаат палестинската држава. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан