Во Косово ќе се отвори музеј за силуваните жени и мажи во последната војна
- Поранешната претседателка на Косово, Атифете Јахјага објави дека започнале подготовките за изградба на музеј на жените и мажите кои биле силувани во војната во Косово во 1998-99 година, јави дописникот на МИА од Приштина.
Приштина, 16 август 2024 (МИА) – Поранешната претседателка на Косово, Атифете Јахјага објави дека започнале подготовките за изградба на музеј на жените и мажите кои биле силувани во војната во Косово во 1998-99 година, јави дописникот на МИА од Приштина.
Јахјага на нејзината страница на Фејсбук информира дека за реализација на иницијативата вчера во канцелариите на Фондацијата Јахјага потпишала договор за соработка со амбасадорот на Германија во Косово, Јорн Роде.
Јахјага, која по завршувањето на мандатот на чело на косовската држава, со својата фондација се посвети на унапредување на правата на жените и рехабилитацијата на жртвите на воени злосторства, рече дека целта на иницијативата за отворање на музејот е зголемување на општата свест кај народот и и борбата против стигмата која ги опкружува преживеаните.
-Прашањето на преживеаните од сексуалното насилство за време на последната војна во Косово е една од најсериозните рани на целата земја, така што нашата главна цел е да ја зголемиме општата свест кај луѓето и да се бориме против стигмата што ги опкружува преживеаните. Исто како што ветив дека нема да оставам камен на камен додека не се исполни правдата, ветувам и дека секогаш ќе бидам покрај нив. Нема траен мир без правда за преживеаните од сексуалното насилство во Косово, напиша Јахјага. иа/