Тринаесет министри за надворешни работи бараат Израел да ја прекина офанзивата врз Рафа
- Министрите за надворешни работи на 13 земји со писмо предупредија дека Израел не треба да почне голема воена офанзива во градот Рафа во Појасот Газа и бараат и поголема помош за палестинското население, објави денеска германскиот весник „Зидојче цајтунг“
Берлин, 17 мај 2024 (МИА) - Министрите за надворешни работи на 13 земји со писмо предупредија дека Израел не треба да почне голема воена офанзива во градот Рафа во Појасот Газа и бараат и поголема помош за палестинското население, објави денеска германскиот весник „Зидојче цајтунг“.
Писмото на четири страници, од 15 мај, адресирано до израелскиот министер за надворешни работи го потпишаа сите земји од Г-7 освен САД. Во него министрите го истакнаа правото на Израел на самоодбрана и ги осудија терористичките напади на Хамас и другите исламистички групи на 7 октомври минатата година.
Во писмото се повикува Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху да направи сè што е во нејзина моќ за да ја ублажи разорната и продлабочена хуманитарна криза во Појасот Газа.
„Зидојче цајтунг“ посочува и дека шефовите на дипломатијата бараат Израел да ги отвори сите гранични премини кон палестинската енклава за испорака на помош, вклучително и преминот Рафа на границата со Египет.
Писмото го потпишаа министрите за надворешни работи на земјите од Г-7 – Германија, Франција, Велика Британија, Италија, Јапонија и Канада, како и нивните колеги од Австралија, Данска, Финска, Холандија, Нов Зеланд, Јужна Кореја и Шведска. ми/
фото: ЕПА