• четврток, 27 јуни 2024

Трибина на Сојузот на стопански комори – вештачката интелигенција и зелената транзиција се клучот за земјава да се приближи до развојните сили

Трибина на Сојузот на стопански комори –  вештачката интелигенција и зелената транзиција се клучот за земјава да се приближи до развојните сили

Скопје, 19 јуни 2024 (МИА) — Во организација на Сојузот на стопански комори на Македонија, денеска се одржа тркалезна маса на тема „Научени лекции од проектот Greenovet, употреба на вештачка интелигенција во создавањето на зелени вештини за иднината“.

Претседателот на ИКТ комора и потпретседател на Сојуз на стопански комори на Македонија, Орце Симов, истакна дека вештачката интелигенција и зелената транзиција се двете области кои моментално се важни во светот и доколку земјава сака да се приближи до развојните сили, мора да работи на полиња кои овозможуваат поголеми иновации. Посочи дека минатата година земјава имала раст од само 1 отсто, додека за приближување до развојните сили потребен е раст од 6 до 7 отсто.

— Минатата година имавме раст од само 1 отсто, доколку сакаме да се приближиме до развојните сили во светот, треба да оствариме раст од 6 до 7 отсто, кој што ни е доволен. Мораме да работиме на полиња кои што овозможуваат поголеми иновации, затоа што иновацијата е мотор за раст и развој. Вештачката интелегенција е област која што ќе изврши големи промени во бизнисот и во работните места во целиот свет. Многу професии ќе изчезнат, многу нови професии ќе се појават. Едноставно компаниите кои што во своето работење ќе имплементираат вештачка интелегенција ќе бидат многу подобри и ќе остваруваат побрзи, поефекасни и подобри производи и услуги за своите корисници, рече Симов.

Тој се осврна на заложбата на земјите од Европската унија дека до 2050 година ќе бидат карбон-неутрални, односно како што појасни, нивото на CO2 што се емитува и нивото на CO2 што се абсорбира ќе биде еднакво на нула, и затоа посочи дека употребата на вештачка интелигенција треба да претставува интерес на македонските компании.

– Од една страна имаме вештачка интелигенција, која што овозможува генерирање на високи дополнителни приходи, меѓутоа троши многу електрична енергија, од друга страна имаме зелена транзиција во која што се бара да ја намалиме емисијата на CO2, така што овие два концепти се прилично важни со оглед на тоа што Европа зазема став дека до 2050 година ќе биде карбон-неутрал, односно нивото на CO2 што се емитува и нивото на CO2 што се абсорбира, ќе биде еднакво на нула, така што денешниот панел ќе биде доста интересен, ќе зборуваме со компаниите за можностите во овие две многу важни полиња кои што треба да претставуваат интерес на македонските компании, доколку сакаат да опстануваат, а за тоа е потребно поголем развој, рече Симов.

Претседателот на стопанска комора, Трајан Ангелевски, посочи дека пристапот на Регулаторната комисија за енергетика мора да се модернизира и да им објаснат на компаниите во кој дел би можеле поповолно да конзумираат електрична енергија, бидејќи како што рече, постојат временски периоди каде што на слободниот пазар електричната енергија е во минус или рамно со нула.

– Имаме големи очекувања од новата влада, а сметаме дека пристапот на Регулаторната комисија за енергетика дефинитивно мора да се модернизира и да им помогне на компаниите адекватно да ги употребат енергентите, да им објаснат во кој дел би можеле поповолно да конзумираат електрична енергија. Постојат временски периоди каде што на слободниот пазар електричната енергија е во минус или е рамно со нула, значи скоро бесплатна енергија, освен таксата која ќе ја платите за нејзина конзумација. Значи, очекуваме од државните институции во следниот временски период, активно да работат како и сите останати европски влади и институции и максимално да бидеме посветени да нашата земја напредне во тој дел, затоа што сметаме дека тоа е една клучна компонентна во идниот бизнис развој на нашата земја, рече Ангелевски. ра/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан