Тренчевска: Се уште чекаме информации од ЈО во Струмица за случајот со детето донесено на Детска клиника
- Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска денеска информира дека ќе се знае дали и како ќе се постапува за случајот со детето кое со тешки повреди било донесено во Детската клиника во Скопје, откако ќе ги добијаат информациите од ЈО во Струмица.
Скопје, 26 јануари 2024 (МИА) – Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска денеска информира дека ќе се знае дали и како ќе се постапува за случајот со детето кое со тешки повреди било донесено во Детската клиника во Скопје, откако ќе ги добијаат информациите од ЈО во Струмица.
Тренчевска на денешната промоција на програмата за детска гаранција по примерот на ЕУ, одговорајќи на новинарско прашање, рече дека другите деца од ова семејство веќе се во згрижувачко семејство.
– Колегите од Центарот за социјална работа во Струмица посветено работат. Веќе другите три дечиња од семејството се во згрижувачко семејство, значи се на сигурно место каде што ќе им биде понудена атмосфера слична на нашите семејни атмосфери, се згрижени, се работи со нив преку стручните служби во Центарот за социјална работа. Верувам дека детето со мајката коишто се на Детската клиника ќе бидат во добра состојба, по излегувањето од болницата на детето ќе се работи на јакнење на капацитетите на мајката и доколку надлежните центри утврдат дека мајката ги има зајакнато капацитетите децата сигурно ќе бидат вратени со обезбедување на пристојни услови за да можат понатаму да продолжат со секојдневието, изјави министерката.
На 17 јануари, од болницата во Струмица, со возило на Итна медицинска помош и во придружба на лекар, на Клиниката за детски болести било донесено четиригодишно женско дете, во исклучително тешка состојба, потхрането, хигиенски запоставено, со гангренозни промени на прстите на дланките и на стапалата.свс/са/
Фото: МИА