• понеделник, 23 декември 2024

Суданскиот воен лидер Бурхан вети одлучувачка победа

Суданскиот воен лидер Бурхан вети одлучувачка победа

Картум, 29 август 2023 (МИА) - Суданскиот воен лидер Абдел Фатах ал-Бурхан ги урна надежите за разговори за ставање крај на повеќемесечната војна, осудувајќи ги ривалските паравоени сили за брза поддршка (РСФ) како „предавници“ и вети одлучувачка победа во говорот пред војниците, пренесува Фена.

Милиони луѓе беа протерани од своите домови, а хуманитарната криза ескалира откако во април почнаа судирите меѓу армијата и РСФ.

Постојаните преговори не успеаја целосно да ги запрат борбите.

„Ние не склучуваме договори со предавници, не склучуваме договори со некој кој го предал суданскиот народ“, им рече Бурхан, кој е и началник на армијата, на војниците во воздухопловната база Фламинго во Порт Судан на Црвеното Море. 

Неговиот говор дојде еден ден откако лидерот на РСФ изрази отвореност за разговори и долгорочен прекин на огнот, и неколку дена откако Бурхан излезе од главниот град Картум за првпат по избувнувањето на војната.

Бурхан започна обиколка на базите во воените региони и се очекува да отпатува во Саудиска Арабија и Египет.

„Ние го посветуваме целото наше време на оваа војна за да ставиме крај на овој бунт“, рече Бурхан, ветувајќи брза и одлучна победа, повторувајќи ги претходните изјави на военото раководство.

Тој додаде дека „РСФ се целосно исцрпени“ и негираше дека неговите војници добиле каква било странска помош.

Двете сили ја делат власта по соборувањето на Омар ал-Башир во 2019 година и се обвинуваат меѓусебно за започнување на војната, која избувна поради плановите за интегрирање на нивните трупи во една сила како дел од транзицијата кон демократија. паг/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан