• петок, 22 ноември 2024

Студија: Планетата го доживеа вториот најтопол март во историјата

Студија: Планетата го доживеа вториот најтопол март во историјата

Брисел, 6 април 2023 (МИА) - Службата која следи климатски промени Коперник (C3S) во својот климатски месечен извештај за температурите, мразот и врнежите, денеска објави дека Земјата го доживеала вториот најтопол март досега, додека мразот на Антарктикот го достигнал своето второ најниско ниво.

Во извештајот се истакнува дека температурите над јужна и централна Европа биле над просекот, а температурите во поголемиот дел од северна Европа биле под просекот. Исто така, беше многу потопло од просекот во поголемиот дел од копното што ја покрива Северна Африка, Југозападна Русија и поголемиот дел од Азија, каде што беа поставени многу нови мартовски рекорди за високи температури.

Значително надпросечни температури беа и над североисточниот дел на Северна Америка, Аргентина и соседните земји, голем дел од Австралија и брегот на Антарктикот. Од друга страна, беше многу поладно од просекот во западна и централна Северна Америка. Што се однесува до мразот, концентрациите на морскиот мраз беа далеку под просекот во сите сектори на Јужниот Океан.

Обемот на морскиот мраз на Антарктикот беше втор најнизок за март во евиденцијата на сателитските податоци - 28 проценти под просекот, по рекордното ниско ниво во февруари, продолжувајќи го долгорочниот тренд на опаѓање на морскиот мраз во поларните региони. Нивото на мразот во Арктикот беше четири проценти под просекот, четврто најниско за март во евиденцијата на сателитски податоци, но концентрациите на морскиот мраз беа многу над просекот во Гренландското Море.

Што се однесува на хидрологијата, C3S наведува дека март бил повлажен од просекот во појасот од запад кон североисток низ северна Европа и над Турција.

Од друга страна, посушни од просечните услови беа забележани во поголемиот дел од Пиринејскиот Полуостров, каде условите беа погодни за пожари, алпскиот лак, делови од Централна Европа, Источен Балкан и северозападниот брег на Каспиското Езеро. Надвор од Европа, март беше повлажен од просекот во делови од САД, Азија, Рогот на Африка, Нов Зеланд, северна Австралија, Африка и Бразил. Во многу региони, обилните врнежи доведоа до поплави.

Посушни од просечните услови беа забележани во Аргентина, јужна Австралија, југозападна Африка и делови од Азија, а во многу случаи овие услови беа поврзани со температури повисоки од просечните.

Коперник е водечка програма на Европската програма за набљудување на Земјата, управувана од Европската комисија, а се спроведува во партнерство со земјите-членки, Европската вселенска агенција, Европскиот центар за среднорочни временски прогнози и други. ссм/

фото: МИА архива

Остани поврзан