• понеделник, 23 декември 2024

Стојаноски: Нова Влада, нова владејачка колалиција, а пак стари навики и погрешни политики

Стојаноски: Нова Влада, нова владејачка колалиција, а пак стари навики и погрешни политики

Скопје, 3 март 2023 

Нова Влада, нова владејачка колалиција, а пак стари навики и погрешни политики.

Во текот на вчерашниот ден, „зголеменото“ мнозинство одби повеќе закони поднесени од нашата пратеничка група и коалицијата.

Имено, „прогресивното мнозинство“ гласаше против зголемување на платите на припадниците на МВР, гласаше против нашиот предлог за укинување на Законот за заменици директори на државни и јавни претпријатија со цел заштеда на народните пари и пренасочување на истите за реалните проблеми на граѓаните во здравството.

Исто така, пратениците од мнозинството гласаа против Законот за заштита на децата со кој се предвидуваше стимулирање на многудетни семејства и подобрување на и онака веќе лошата демографска слика во Република Македонија.

Очигледно, за нив е поважно се’ освен доброто на граѓаните.

Токму затоа, во 21ви век не збориме за странски инвестиции, вработувања, иновации и успеси, туку за немање на леб по рафтовите на маркетите и трпезите на граѓаните.

Владата на Ковачевски со своите политики буквално ги остави граѓаните без леб. Оваа таканаречена лебна криза е резултат на неспособноста на владата да ги уреди пазарните односи, а за жал тоа најмногу го трпат граѓаните.

Но, денес би сакале да поставиме едно клучно прашање, дали и колку самата Влада ги почитува прописите кои сама ги создава, односно дали се води од истите математики кога е во прашање трошењето на народните пари?

Владата на Ковачевски декларативно говори дека се залага за замрзнување на цената на лебот на 33 денари, а таа самата троши далеку повеќе средства за набавка на леб.

Ова е тендер на Службата за општи и заеднички работи на владата за набавка на леб за потребите на институциите, односно за рестораните кои таа ги управува. Овој тендер беше спроведен лани на 26-ти јули. Според тендерската документација владата лани набавила леб од една скопска компанија по цена која е повисока од таа која самата ја пропишува.

Според документацијата, владата односно СОЗР, за еден килограм пченичен бел леб на парчиња од брашно тип 400 плаќала 92 денари, односно за 450 грама по 41,4 денари. Во друга ставка, ист ваков леб со продолжен рок го плаќала 168 денари, односно 450 грама за 75,6 денари. И двете цени за бел леб кои владата ги плаќала за набавка за сопствени потреби се далеку повисоки од тие кои самата ги пропишува.

Оттука се поставува прашањето дали математиката на владата не се применува кога се работи за трошење на народните пари?

Зошто владата потрошила од 30% до 100% повеќе кога набавувала леб преку СОЗР?

 

Интегрален текст од изјава за медиуми – Бојан Стојаноски, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ

—————————————————————————————————————————

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Фото:МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан