• недела, 22 декември 2024

Стефоска: Осумдесет години од првиот истрел - јубилеите служат да нè потсетат дека историјата се учи за да не се заборави и за никогаш да не се повтори

Стефоска: Осумдесет години од првиот истрел - јубилеите служат да нè потсетат дека историјата се учи за да не се заборави и за никогаш да не се повтори
Скопје, 18 октомври 2021 (МИА) - Осумдесетгодишнината од првиот истрел за слобода е чин за длабока почит и длабок поклон. Отпор достоен за незаборав. Ова е најмалку што Министерството за култура може да го направи во спомен на оние кои со пушка ја создаваа, а потоа и ја одржаа националната култура жива, а со тоа, и сите нас нè одржаа во живот. Ова вечерва го изјави министерката за култура Ирена Стефоска во своето обраќање на прославата „80 години од првиот истрел – култура и уметност = непокор“ во организација на Министерството за култура. - Длабок поклон и почит за сите поети, писатели, сликари, глумци, музичари... На сите уметници кои се приклучија во Народноослободителната и антифашистичка борба и ги запишаа, секој низ својот потпис, и болката и бесот и радоста и величественоста на партизанската одисеја, истакна министерката. Таа посочи дека вечерва оваа прослава се дел и од наследниците на, како што рече, тие големи луѓе, антифашисти, кои знаеја колку се важни непокорот и слободата во битката и во закрепнувањето на татковината. Зборот е истрел, но и истрелот е збор. - Во оваа пригода, ги поздравувам и присутните глумци од неповторливиот и поучен македонски филм „Истрел“ - филм инспириран од вистински настани за време на бугарската фашистичка окупација. На оние кои, од оправдани причини, не можеа вечерва да дојдат, им посакувам добро здравје и долг живот. Зашто ни се потребни. Тие се нашите сведоци, нашите учители, рече Стефоска. Министерката оцени дека во минатото цивилизации пропаѓале, држави се распаѓале, територии се грабале, народи се асимилирале, но, никој не успеал да ја уништи културата, затоа што, посочи Стефоска, во културата беше силата на оние што се одважија да му речат „не“ на злото, да му речат „не“ на окупаторот, кој прво посегнува по територијата, а потоа по културата, по нашиот идентитет. - Долга е историјата на македонската борба за слобода. Од Тˋга за југ, преку Тешкото, од Белите мугри до Волчјата ноќ, Очи, Црнила, А, бре, Македонче, Пиреј, Диво месо... чиниш, сета наша историја е во овие наслови. Македонската култура е многу поголема од нашата држава и од траењето на нашите животи, посочи Стефоска. Министерката додаде дека јубилеите како овој вечерва служат да нè потсетат дека историјата се учи за да не се заборави и за никогаш да не се повтори. нд/цр

Остани поврзан