• понеделник, 23 декември 2024

Стерјовски за албанската МЦН: Македонското и сите малцинства мора да имаат загарантрани места во албанскиот парламент

Стерјовски за албанската МЦН: Македонското и сите малцинства мора да имаат загарантрани места во албанскиот парламент

Тирана, 30 мај 2024 (МИА) – Лидерот на единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, Васил Стерјовски, за албанската МЦН оценува дека „актуелниот пропорционален изборен систем е дискриминаторски и малцинствата мора да имаат загарантирани места за да се слушне нивниот глас“.

-Најдобар систем е преземање на најдобрите европски практики од европските земји кои го решија проблемот со застапеноста на малцинствата како Хрватска, Словенија, Косово, Романија, скандинавските држави, Руската Федерација, итн., кои имаат различни модели, но кои имаат загарантирани места за малцинствата. За првпат минатата година една меѓународна организација како што е Советот на Европа во петтиот мониторинг извештај за Албанија на Советодавниот комитет за спроведување на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства ја скенира ситуацијата во Албанија и бара нашата земја да преземе позитивни мерки за гарантирана застапеност на малцинствата во парламентот, вели Стерјовски во однос на изборната реформа и барањата на малцинствата.

Точно е, додава, дека не можат подобро да ги штитат интересите, да ги покренуваат проблемите на малцинствата отколку самите нивни претставници во парламентот и тоа се покажа во последните 30 години.

Потсетува дека македонската, ромската, влашката и египтјанската заедница, упатиле барања до Специјалната комисија за изборната реформа, за загарантирани места во парламентот, за што мора да има има политичка волја, особено од власта и парламентарната опозиција.

-На пример, во Хрватска, Албанците, Македонците, Бошњаците, Црногорците имаат загарантирано место. Има и други модели како во Романија и покрај бројот на малцинствата, на пример, официјално има 500 регистрирани Албанци, нивниот број сигурно е поголем, но официјално според статистиките се 500 луѓе, но имаат загарантирано место. Македонците се запишани 5.000 луѓе и тие имаат загарантирано место во парламентот. Значи, постојат различни модели. Главно, суштината е да постои политичка волја, да се согласат и власта и опозицијата, посочува тој.

Со постојниот пропорционален регионален систем, нагласува Стерјовски, е многу тешко директно да имаат пратеници, да бидеме избрани во парламентот.

- Тоа бидејќи ние како малцинства живееме на целата територија на Република Албанија, не само во посебни области и оние посебни области каде што ние сме традиционално, особено по 90-тите се преселивме во големите градови на Албанија за подобар живот и затоа е навистина тешко со овој систем да бидеме претставени во парламентот. Ние секогаш како мали партии се трудиме да правиме различни коалиции со поголемите партии, нагласува тој.

Додава дека благодарение на овие различни коалиции, како партија која ја претставува македонската заедница успеале пред две години тој да биде пратеник во албанскиот законодавен дом.

-Секогаш се трудиме да ја најдеме коалицијата што ќе ни гарантира подобро место на листите за да бидеме претставени, но секогаш е тешко со големите партии кои ни нудат места во долниот дел од листите. Затоа, токму за ова наше барање ја имаме поддршката од Советот на Европа што ни препорачува, дека во крајна линија е меѓународна обврска да ние имаме наш глас во парламентот, одговара Стерјовски.

На прашањето во однос на коалицирање на МАЕИ на парламентарните избори во мај 2025 година, вели дека очекуваат одговор од Специјалната комисија за изборната реформа во однос на барањата по што како партија, ќе одлучат како ќе постапат, посочувајќи дека „нашата главна цел што сакаме да ја постигнеме е да бидеме претставени во Собранието“. вт/дма/

 

Фото: принтскри

Остани поврзан