• сабота, 21 декември 2024

Старите лица од Босилово добија нов Центар за дневен престој

Старите лица од Босилово добија нов Центар за дневен престој

Босилово, 4 септември 2023 (МИА) - Пензионерите и постарите лица кои живеат во Општина Босилово денеска добија Центар за дневен престој на стари лица со активно стареење. Центарот е во населеното место Турново и ќе може секојдневно да го посетуваат до 24 корисници, каде преку различен вид активности, кои ќе се спроведуваат под надзор на стручни лица, добиваат можност за квалитетен, активен живот и социјализација.

Отворањето на овој центар се реализира преку Проектот за подобрување на социјалните услуги, кој го имплементира Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од Светска Банка, во рамки на социјалната реформа која започна да се спроведува во 2019 година.

-Центрите за дневен престој на стари лица за активно стареење се еден тип на социјална услуга која е наменета за активните стари лица и им овозможуваат на старите лица низ разновидни активности да бидат ангажирани, да се дружат, како и квалитетно да го исполнат нивното време. Јас сум многу задоволна што денеска ќе ја врачиме лиценцата за вршење дејност на третиот центар за дневен престој на стари лица и верувам дека истиот ќе им носи многу дружба и активности на жителите од село Турново. Задоволството е поголемо што се работи за рурална средина и тоа покажува дека ние сме посветени на изградба на систем на социјални услуги низ целата земја, со акцент на одалечените места, истакна министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска.

Со новиот Центар за дневен престој на стари лица со активно стареење во Турново ќе управува општинската организација на Црвениот крст во Струмица, кој од Министерството за труд и социјална политика ја доби соодветната дозвола за вршење дејност од областа на социјалната заштита.

Според градоначалникот на Босилово, Ристо Манчев,една од улогите на општините во овој процес е да ги препознаат потребите и барањата на жителите во нивните заедници.

-Горд сум што Босилово е една од општините чии проекти за развој на нови социјални услуги беа избрани како најдобри и чија реализација е овозможена од страна на Министерството за труд и социјална политика. Тоа покажува дека сме направиле добра проценка на потребите на нашите сограѓани и добро сме ги идентификувале оние што заслужуваат посебно внимание и поддршка. Постарите граѓани од нашата општина секако спаѓаат во таа група и затоа денеска сум особено задоволен што заедно со ресорното министерството и давателот на услугата-Црвен крст Струмица започнуваме со исполнување на оваа наша заложба, оцени градоначалникот на Општина Босилово, Ристо Манчев.

Инаку, во рамки на Компонентата 1 од Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика, досега е обезбедена соодветна поддршка за реализација на 34 поединечни проекти за воведување социјални услуги во 41 општина ширум земјата.

Покрај отворање дневни центри за активно стареење, со овие проекти дадена е и конкретна поддршка за развој на друг вид нови социјални услуги, како што се дневни центри за престој на лица и деца со попреченост, центри за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост, како и развој на услугите лична асистенција, помош и нега во домот и други.

За давање на овие социјални услуги досега се обучени и лиценцирани над 300 лица, а истите се достапни за повеќе од 1200 корисници.рт/бт/

Фото:МТСП

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан